СУДОТ ГО СОПРЕ ТРАМП Белата куќа не е ваша
Апелациониот суд пресуди дека претседателот не смее без одобрение од Конгресот да ја менува Белата куќа, а администрацијата доби 14 дена да се жали до Врховниот суд.

Американскиот федерален апелационен суд денеска ја потврди одлуката на понизок суд со која привремено се запира изградбата на нова балска сала во Белата куќа, оценувајќи дека администрацијата на претседателот Доналд Трамп не може да продолжи со проектот без одобрение од Конгресот.
Со одлука донесена со мнозинство од двајца наспроти еден судија, Апелациониот суд ја потврди изменетата привремена забрана што претходно ја изрече федералниот судија Ричард Леон. Истовремено, судот го одложи спроведувањето на одлуката за 14 дена, оставајќи ѝ можност на администрацијата на Трамп да поднесе жалба до Врховниот суд на САД, објави NBC News.
Во образложението се наведува дека одлуките за значајни промени на Белата куќа се во исклучива надлежност на Конгресот, а не на извршната власт.
„Уставот му ја доверува на Конгресот, а не на претседателот, одговорноста да одлучува за промени во физичкиот изглед на Белата куќа, дури и кога тие се оправдуваат со безбедносни причини“, се наведува во пресудата.
Судот истакнува дека претседателот нема уставни овластувања самостојно да располага со објектот.
„Секој претседател е привремен закупец, а не сопственик на Белата куќа. Претседателот нема, ниту тврди дека има, уставно доверени овластувања врз тој имот“, се наведува во одлуката.
Според пресудата, администрацијата во октомври 2025 година, без претходно одобрение од Конгресот и без најавените консултации, го урнала Источното крило на Белата куќа со намера да изгради балска сала од околу 8.400 квадратни метри, финансирана со приватни средства.
Судиите посочуваат дека не постои преседан во американската историја во кој претседател еднострано, користејќи приватни средства, урнал значаен дел од Белата куќа, чија изградба била одобрена и финансирана од Конгресот.
Воедно, Апелациониот суд нагласува дека оваа одлука не значи дека проектот никогаш нема да биде реализиран, туку дека изградбата не смее да продолжи додека трае судската постапка и сè додека не бидат исполнети уставните и законските процедури, вклучително и добивање согласност од Конгресот.

