РЕКОРДЕН К-15 ВО МАКЕДОНИЈА Еден вработен добил речиси 8.000 евра

Само 15% од работниците досега добиле регрес, а просечната исплата изнесува 28.562 денари – УЈП откри детали за милијардите исплатени за К-15.

РЕКОРДЕН К-15 ВО МАКЕДОНИЈА Еден вработен добил речиси 8.000 евра
Фото: Принтскрин

Само 15 отсто од вработените во земјава заклучно со 1 јули добиле регрес за годишен одмор, познат како К-15, покажуваат податоците од Управата за јавни приходи. Досега регрес е исплатен на 91.877 работници, преку 5.376 компании, а вкупната исплатена сума изнесува 2,62 милијарди денари. Просечниот нето-износ на исплатениот К-15 изнесува 28.562 денари.

Највисокиот исплатен регрес достигнал 469.190 денари, односно речиси 8.000 евра. Од УЈП информираат дека најнискиот износ не може прецизно да се утврди, бидејќи дел од работодавачите исплаќаат регрес во повеќе рати, а секоја исплата се евидентира посебно.

Работодавачите од приватниот сектор кои допрва ќе исплаќаат К-15 треба да обезбедат најмалку 19.567 денари, согласно Општиот колективен договор. Минималниот износ претставува 40 отсто од просекот на последните три просечни нето-плати објавени од Државниот завод за статистика. Исклучок се компаниите кои можат да докажат економски потешкотии. Вработените во јавниот сектор, пак, согласно колективниот договор треба да добијат најмалку 13.560 денари, што претставува 30 отсто од просечната нето-плата за претходната година.

И покрај законската обврска, сè уште има работници кои добиваат значително пониски износи од минимално предвидениот регрес. Причината е одредбата која им дозволува на фирмите со „економски потешкотии“ да исплатат помал К-15, но без јасно дефинирани критериуми што точно се подразбира под ова. Според колективниот договор, компаниите можат да исплатат понизок регрес ако имаат проблеми во работењето, по консултација со синдикатот или со претставник на работниците.

Синдикатите и трудовите инспектори со години предупредуваат дека токму оваа недореченост остава простор за злоупотреби, бидејќи не е прецизирано дали фирмата мора да биде во загуба или како точно се утврдува нејзината финансиска состојба.

Регресот за годишен одмор треба да биде исплатен најдоцна до 31 декември во тековната година. За неисплата на К-15 се предвидени санкции, а казните може да достигнат до 4.000 евра. Дополнително, доколку работодавачот бара работникот да му ги врати исплатените средства, може да следува и затворска казна до една година.

CATEGORIES
Share This