АРГЕНТИНА ЗАСТАНА ЗАД ИНФАНТИНО Поддршка за четврти мандат, но и порака дека ФИФА направи сериозна грешка
Асоцијацијата на Аргентина го поддржа Џани Инфантино пред изборите за нов мандат, но истовремено ја поздрави одлуката на ФИФА да се откаже од спорниот проект и да признае дека направила грешка.

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, се соочува со сè посилен отпор пред најавената кандидатура за четврти мандат на чело на светската фудбалска организација. Додека дел од националните фудбалски сојузи отворено се спротивставуваат на неговото раководење, Инфантино доби важна поддршка од Аргентинската фудбалска асоцијација (АФА).
Во писмо упатено до претседателот на ФИФА, АФА изразува целосна поддршка за неговото десетгодишно управување, оценувајќи дека тоа донело институционална стабилност, поголема транспарентност и развој на фудбалот на глобално ниво.
Сепак, Аргентинците упатија и критика, осврнувајќи се на неодамна повлечениот проект на ФИФА, за кој наведуваат дека предизвикал повеќе неизвесност отколку доверба во светското фудбалско семејство. Во писмото се поздравува одлуката на раководството да се откаже од проектот, како и јавното признавање на грешките и извинувањето што било испратено до сите 211 членки на ФИФА.
Од АФА нагласуваат дека транспарентното управување, почитувањето на законските процедури и демократските принципи се темел за единство и понатамошен развој на светскиот фудбал. Според нив, Инфантино ја трансформирал ФИФА во поотворена организација која овозможува поголемо учество на сите национални федерации и конфедерации.
„Во пресрет на следниот Конгрес на ФИФА, цврсто веруваме дека патот напред е да продолжиме да работиме под негово водство, со цел да изградиме подобар и поинклузивен фудбал“, се наведува во писмото на Аргентинската фудбалска асоцијација.
Од Светското првенство во Катар во 2022 година, Инфантино често е поврзуван со блиски односи со Аргентинската фудбалска асоцијација. Неговите критичари повеќепати тврдеа дека претседателот на ФИФА фаворизирал одредени одлуки во корист на аргентинскиот фудбал, обвинувања кои досега не се официјално потврдени.

