МОЖЕ ДА УМРЕ СЕКОЈ МОМЕНТ Алармантни тврдења за здравјето на Хамнеи
Нема јавни настапи ниту средби со владини претставници – во Техеран се шират гласини за состојбата на врховниот лидер.

Според порталот IranWire, повикувајќи се на два извори блиски до администрацијата на иранскиот претседател Масуд Пезешкијан, врховниот верски лидер на Иран, ајатолахот Моџтаба Хамнеи, се наоѓа во исклучително тешка здравствена состојба и неговиот живот е доведен во прашање.
Изворите тврдат дека Хамнеи не се сретнал со ниту еден член на владата по нападот на САД врз комплексот на врховниот лидер и убиството на неговиот татко и други членови на семејството на 28 февруари.
Во највисоките кругови на иранскиот режим, според IranWire, се шират гласини дека состојбата на Хамнеи е сериозна и дека може да дојде до најлошо сценарио во секој момент.
Дополнителен повод за шпекулации е фактот што откако го презеде лидерството, Моџтаба Хамнеи не се појавил во јавноста ниту одржал официјално обраќање. Досега биле објавени само неколку пораки што официјалните медиуми му ги припишуваат нему.
Нејавното присуство на новиот врховен лидер ги засили сомнежите за неговата здравствена состојба и неговата способност да продолжи со извршување на функцијата.
„Не би биле изненадени доколку наскоро слушнеме вести за неговата смрт“, изјавил неименуван извор близок до кабинетот на претседателот Пезешкијан, додавајќи дека неговата физичка состојба е лоша, пренесува IranWire.
Засега нема официјална потврда од иранските власти за овие наводи.

