Книгата „Поглед однатре“ што ја потресе акладемската јавност – Шкариќ открива што се случувало зад ѕидовите на Правен факултет

Професорот Светомир Шкариќ во „Поглед однатре“ пишува за децении развој, но и за спорни избори, непотизам и нарушување на академските стандарди, а поранешен просветен инспектор ги анализира најконтроверзните делови од делото.

Книгата „Поглед однатре“ што ја потресе акладемската јавност – Шкариќ открива што се случувало зад ѕидовите на Правен факултет
Фото: Национал

По добиената книга пишувана  од професор Светомир Шкариќ, „Поглед Однатре“, Правен факултет „Јустинијан Први“,1960-2006, издавач ИЛИ-ИЛИ-Скопје 2026, со целосно внимание ја прочитав книгата и навлегов во длабочините на една академска анализа и систематичност произлезени од професорското перо.

Една животна судбина исткаена од професорот д-р Светомир Шкариќ кој во предговорот наведува:…„Судбината сакала студентскиот живот и целиот работен век да го поминам на Правниот факултет„Јустинијан Први“, па ќе додаде тоа ми овозможи факултетот да го видам однатре, од страната која не е позната на пошироката јавност“. Книгата претставува и одреден вид сеќавање како одбрана од  заборавот. Живеам, мислам и пишувам. Esse est percipi. А тоа е величенствено!“

Прелистувајќи ја книгата „Поглед Однатре“ можам да забележам дека на последната на задната страница, на корицата посебен впечаток ми оставија  петте поенти или постулати, а тие се:

  1. Во оваа книга авторот го согледува Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје од неговата внатрешна страна.
  2. Пишува за улогата на професорите во развојот на правото во времето од 1960 до 1990 година и за спомените што ги оставиле зад себе.
  3. Пишува и за уривањето на угледот на Правниот факултет во периодот на транзицијата од социјализам во капитализам.
  4. Го опишува и амбиентот во амфитеатрите и предавалните, ги нотира разговорите во ходниците и на Наставно-научниот совет и влегува во архивата на Факултетот.
  5. Книгата е поука за одбрана на Факултетот од фалсификатите, непотизмот и незаконитото унапредување во повисоки научни звања.

Сите постулати од книгата: „Поглед Однатре“ имаат свое педагошко – психолошко, образовно, општествено и просветно  значење.

Јас како државен просветен инспектор, сега во пензија, особено ќе се осврнам на петтиот постулат, а тоа е поука за одбрана на Факултетот од фалсификатите, непотизмот и незаконитото унапредување во повисоки научни звања, поместени во книгата на професор Шкариќ.

Но, пред тоа, накратко за професорот Светомир Шкариќ, како станува доцент на Правниот факултет, па ќе наведе: „По докторирањето бев избран за доцент по предметот Уставно право на СФРЈ. Докторирав на 9 јануари 1978 година. Рецензијата беше објавена во Билтенот на Универзитетот „Кирил и Методиј“ на 10 февруари, а изборот  се случи во првите денови од април 1978 година. Рецензијата е потпишана од тројца професори-Евгени Димитров, Владимир Митков и Стеван Габер. Првите двајца се од областа на уставното право, а третиот од сродна област-теорија на државата и правото.

Таквиот состав на комисијата беше во согласност на одредбите на Законот за високо образование на СРМ и Статутот на Правниот факултет….Двапати бев биран за асистент на тој предмет, завршив постдипломски студии од областа на уставното право и докторската дисертација од таа област“ .

Учебникот под назив „Уставно право“ прв на македонски јазик покрај професорот Светомир Шкариќ во пишувањето на учебникот  учествувале и професор Евгени Димитров  и Владимир Митков. Учебникот „Уставно  право“ доживеа повеќе измени и дополненија… шестото издание на учебникот се појавува во 2007 година во коавторство со Гордана Силјановска-Давкова, редовен професор по предметите Уставно право и политички систем во издание на Правниот факултет„Јустинијан Прави“ во Скопје. Седмото издание е, исто така, во коавторство со Силјановска-Давкова. Како што наведува професор Шкариќ, вклучувањето на Давкова како коавтор беше нејзина желба. Интересни се зборовите на Давкова на еден научен собир во Охрид, за време на паузата, која му пришла на проф. д-р Шкариќ со зборовите:

„Професоре, би било штета ако вашиот учебник од 2004 година не се користи како испитни материјал до вашето пензионирање. Предлагам идното издание на учебникот да биде колективно дело. Покрај вас, коавтори да бидат и другите професори по Уставно право и Политички систем. Така учебникот ќе продолжи да се користи и натаму“. Како што истакнува професорот Шкариќ:„ Покрај неа, предлагаше коавтори да бидат и Саво Климовски, Рената Тренеска (Дескоска) и Татјана Каракамишева.

Не се согласив со вклучувањето на професорите кои ги предлагаше, Климовски е „натрапник“ во уставното право. Дојде на тој предмет без предлог на Институтот за политички и правно-политички науки и без согласност на предметните наставници. Тренеска и Каракамишева имаат нерегуларни постдипломски студии. На колешката Силјановска-Давкова тоа не и’ пречеше бидејќи нејзиниот потпис стои на одлуките за нерегуларно завршени постдипломски студии на двете постдипломки.

Прифатив таа да биде коавтор иако знаев дека располага со скромно  познавање на уставната материја. Поголемиот дел од работниот век го помина како асистент и наставник по предметите Локална самоуправа и Политички систем“…(поопширно за овој дел во книгата „Поглед Однатре“).

Студент на генерацијата (непотизам)

Во времето кога Саво Климовски беше декан на Правниот факултет (1992-1996), неговиот син Александар Климовски се запишува на студии на Правниот фскултет „Јустинијан Први“ во студиската 1992/93 година. Студиите ги завршил во 1996 година со просек 9,97. Прогласен е за најдобар студент на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ за учебната 1994/95 година. Во 1997 година добил и пофалница од страна на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“, во времето кога Саво Климовски беше претседател на Сенатот на Универзитетот„Св.Кирил и Методиј (1996-1998), ќе истакне авторот на книгата „Поглед Однатре“, Светомир Шкариќ.

По дипломирањето 1999 година Александар Климовски е избран за помлад асистент по предметот Право на друштвата и трудово право на Правниот факултет„Јустинијан Први“. Изборот е извршен врз основа на рефератот на рецензентската комисија во состав проф.д-р Тито Беличанец, доц.д-р Димитар Гелев и доц.д-р Тодор Каламатиев. Тринаесет дена по објавувањето на рефератот во Билтенот на УКИМ на 28 декември 1998 година до членовите на ННС, рецензентската комисија и деканот на Правниот факултет, професорот Шкариќ доставува писмен приговор во врска со предлогот Александар Климовски да биде избран за помлад асистент по предметот Право на друштвата и трудовото право. Приговорот на професор Шкариќ се однесува за нерегуларноста на оценката по предметот Политички систем што се слуша на втора година од правните студии.

Во приговорот професорот Шкариќ наведува неколку факти што треба да се имаат во предвид кога ќе се одлучува за изборот. Кандидатот Александар Климовски во 1994 година поднел пријава за полагање на предметот Политички систем во декемвриската испитна сесија кај предметниот наставник проф. д-р Саво Климовски. Меѓутоа, испитот го полагал кај проф.д-р Томислав Чокревски, предметен наставник по предметот Социологија на правото.

Кандидатот Александар Климовски го положил предметот Политички систем кај проф.д-р Томислав Чокревски на 26 декември 1994 година со оценка 10 (десет). Во таа година (1994) предметни наставници по предметите Уставно право и Политички систем биле: проф.д-р Владимир Митков, проф.д-р Светомир Шкариќ и проф.д-р Саво Климовски. Наведениве професори се избрани за наставници во научната област Уставното право и Политички систем, со право и обврска да држат предавања и да спроведуваат испити по предметите Уставно право и Политички систем.

Како што наведува авторот на книгата, а повикувајќи се на член 75 од Статутот на Правниот факултет „Јустинијан Први“, испитите се јавни и се полагаат пред предметниот наставник, со оглед на фактот што кандидатот Александар Климовски не го положил предметот Политички систем кај предметниот наставник, положениот испит по наведениот предмет не може да се смета за регуларно положен испит. Исто така, и добиената оценка 10 (десет) не може да се смета за веродостојна оценка  затоа што е дадена од професор кој не е предметен наставник.

Согласно со членот 41 од Статутот на Правниот факултет, деканот на Правниот факултет е должен со решение да ја поништи добиената оценка и да одреди ново полагање на предметот Политички систем кај еден од предметните наставници: д-р Светомир Шкариќ редовен професор, д-р Весела Мукоска-Чинго, вонреден професор или д-р Гордана Силјановска-Дафкова, доцент. (декан во тој период бил проф. д-р Миодраг Мицајков 1999).

Во врска со овој предмет и поопширни дискусии на Наставно-научниот совет, ќе го издвојам (јас лично) од овој непотистички дел исказот на проф.д-р Ѓорѓи Марјановиќ кој ќе рече: „дека е во судир со проф. д-р Владо Камбовски, сепак тој не е одбегнат како предметен наставник. Синот на проф.д-р Владо Камбовски го полагал предметот Кривично  право кај проф. д-р Ѓорѓи Марјановиќ. Во контекстот на дискусијата во врска со приговорот, проф.д-р Марјановиќ  ќе го изјави следново: „На моите три сина им поставив услов-ако сакате да се запишете на правните студии тоа можете да го направите во Сплит, а не во Скопје“. Многу коректен и морален став на проф.д-р Марјановиќ според мене (како просветен инспектор). Тоа го потврдува самиот податок, каков непотизам има на Правниот факултет „Јустинијан Први“, од 32 члена на Наставно-научниот совет што гласале за изборот, половина од нив имаат синови, ќерки или блиски роднини што студирале или што студираат на правни и политички науки на Правниот факултет „Јустинијан Први“. Жално, ама вистинито – е оваа моја констатација!. (Поопширно прочитајте од книгата „ Поглед Однатре“ од Светомир Шкариќ, стр.223-231)

Наставните програми на факултетот ( Нерегуларни испити и звања)

Во овој дел авторот професор д-р Светомир Шкариќ во својата книга „Поглед однатре“ во делот на наставните програми по предметите предвидени во наставните планови до деведесеттите години од минатиот век биле подготвувани од катедрите како стручни тела, раководени од најстарите професори. На предлог на катедрите, наставните програми беа усвојувани, ќе истакне авторот Шкариќ од страна на Наставно-научниот совет, без поголеми измени. Потоа се потврдувани  од страна на Универзитетскиот совет и објавувани заедно со испитната литература (задолжителна и изборна литертатура).

Но со воведување на институтите како стручни тела истакнува авторот  проф.д-р Шкариќ состојбата во подготовката на наставните програми се влошува, особено во институтите со поголем број научни дисциплини. А таков гломазен институт ќе рече авторот  беше Институтот за политички и правно-политички науки. Немало време за стручна расправа и за утврдување на испитната материја.

Забележав вели професорот д-р Шкариќ во неговата книга „Поглед Однатре“, Правен факултет „Јустинијан Први“, 1960-2006, дека постојат предметни наставници кои не можат да изготват наставна програма за предметот што го предаваат. За нив  беше битно да го држат предметот и да спроведуваат испити. За наставната  програма и испитната литература не им беше важно, истакнува авторот проф.д-р Шкариќ.

Случајот со Љубомир Фрчковски

Па така, по воведувањето на политичките студии во 1993 година, Љубомир фрчковски бил определен  за предметен наставник по предметот Современи политички теории што се предава на втора година. Во тој период истакнува проф.д-р Светомир Шкариќ бев  раководител на политичките студии, а тој министер за внатрешни работи. Неколкупати ми се јавуваше да го посетам во Министерството за внатрешни работи. Ме молеше да му помогнам во изготвувањето на наставната програма по предметот Современи политички теории. Му реков дека тоа етички е недозволено и дека тој самиот мора да ја изготви програмата и да ја достави на разгледување на надлежните инстанци на факултетот.

Првата предложена програма истакнува авторот на книгата му беше површна и конфузна, а во дискусијата се покажа дека не ја познава материјата што ја предава. Се обиде да наметне и своја испитна литература. За испитна литература го предложил учебникот на Марсел Предо „Историја на политичките идеи“ од 1975 година. Учебникот е преведен во три скрипти од француски на македонски јазик во Министерството за внатрешни работи. Преведен на лош француски јазик. Ни програмата, ни литературата не му беа прифатени. Не му помогнаа ни министрите што ги доведе, ќе напише авторот на книгата на таа седница за да му дадат подршка (Јане Миљовски и Владо Поповски).

Случајот со Саво Климовски

Неговиот случај е подрастичен, ќе истакне авторот. Климовски држеше предавање по предметот Уставно право без наставна програма и спроведуваше испити без утврдена испитна литература. Поради отсуство на неговата програма, деканот Миодраг Мицајков одбил да ја објави наставната програма по предметот Уставно право усвоена  од Институтот и Наставно-научниот совет. Деканот процени, пишува авторот на книгата Шкариќ, дека е подобро усвоената програма да не види бел ден отколку да се рашири веста дека предметниот наставник не е способен да изготви наставна програма. Во тоа време  Климовски беше претседател на Сенатот на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“.

За комичниот случај и со испитната литература по предметот Уставно право препорачана од страна на Саво Климовски, како и за постдипломските студии од областа на правно – политичките науки. И за престанокот почитување на правните акти за нивна организација и реализација и има многу прашања: Зошто предавањата не се држеа како што било предвидено со наставниот план. Зошто некои испити  се спроведуваа нерегуларно? Зошто почнаа групирањето на наставниците и нивното поврзување со раководната структура на факултетот? Непотизмот беше видлив! Има многу Зошто? (поопширно прочитај те ја книгата на авторот на страна 242,243…)

Зошто професорот Шкариќ е исклучен од спроведување на испити по предметот Современи теории на државата и правото?

По предлог на авторот на книгата „Поглед Однатре“, во 1992 година, беа организирани постдипломските студии од областа на политичките и правно-политичките науки. Беа воведени двогодишни постдипломски студии, во траење од четири семестри…Во првата година од студиите, како задолжителен предмет за двете насоки, се изведуваше настава по предметот Современи теории за државата и правото, со фонд од 30 часа предавања….По изведената настава и консултации следуваа испитите по наведениот предмет. Изведував настава, пишува авторот на книгата, а испити не. Без да знам, бев исклучен од спроведувањето на испитите по предметот Современи теории за државата и правото. Местото на авторот Шкариќ во испитната комисија го зел Димитар Бајалџиев, иако не држел предавања. Почна да испитува пишува авторот заедно со Миодраг Мицајков, по престанокот на функцијата Министер за образование и наука во 1994 година.

За исклучувањето авторот дознал случајно од една постдипломка која слушаше предавање кај мене. Еден ден дојде во кабинетот да ме праша за термин за полагање на предметот Современи теории за државата и правото. Сакаше да полага пред мене, а не пред професор кој не држел предавања.

По разговорот со постдипломката авторот му се јавил на Мицајков со намера да го утврдиме терминот за испитот на кандидатката. По телефон Мицајков му соопштува на авторот дека Димитар Бајалџиев учествува во спроведувањето на испитот по предметот Современи теории за државата и правото бидејќи не е веќе министер. Професорот Шкариќ како што пишува:  “Бев зачуден. Спроведува испити, а не држел предавања. Ме зачуди и Мицајков кој се согласува со промената на испитната комисија. По долги разговори, обајцата одвај се согласија за моето учество…. Тоа беше единствениот испит по предметот Современи теории на државата и правото на кој учествував. Со испитите на останатите постдипломци не знам што се случило. Веројатно, предметот го полагале пред Мицајков и Бајалџиев.ˮ

Постдипломките Рената Тренеска и Тања Каракамишева

Предметот Современи теории на државата и правото, вели авторот, пред мене требаше да го полагаат и постдипломките Рената Тренеска (Дескоска) и Тања Каракамишева. Тоа не се случи. И двете го полагале испитот пред  ненадлежен професор.

За нерегуларноста на нивните испити и завршени магистерски студии дознав, пишува авторот Шкариќ, дури во 2003 година кога двете постдипломки се јавиле на конкурс за избор за асистенти по предметите Уставно право и Политички систем. Бев член на рецензентската комисија за избор на асистент и за едниот и за другиот предмет. По разгледувањето на нивните документи, утврдив (Шкариќ) дека добиле и диплома за завршени постдипломски студии на насока која не беше предвидена со Одлуката за организирање на постдипломските студии од 1992 година.

По положените испити, постдипломките во 1997 година се стекнале со звање магистер на правно- политички науки на насока-уставно право и политички систем. А таква насока не постоеше ќе напише авторот (Шкариќ). Авторот ќе образложи, дека постоеја две насоки-уставноправна насока и насока политички систем, со група различни предмети. Одлуката за стекнатата магистратура на насоката уставно право и политички систем е потпишана од членовите на Комисијата во состав: Саво Климовски, Симеон Гелевски и Гордана Силјановска-Давкова.

Авторот во книгата наведува:„… Во меѓувреме, двете постдипломки, наспроти моите приговори, се избрани за асистентки. Денес се редовни професори по предметите Уставно право и Политички систем на Правниот факултет„јустинијан Први“.

Во мај 1997 година, Наставно-научниот совет писмено го информирав (Шкариќ) и за арогантното однесување на двете постдипломки како демонстратори по предметите Уставно право и Политички систем. На огласната табла на факултетот се потпишувале како асистенти, иако не биле избрани во тоа звање. Со непостоечко асистентско звање фигурираат и како автори во учебникот на Саво Климовски „Уставен и политички систем“ од 1997 година, во учебникот се објавени нивните магистерски трудови, заедно со средношколскиот учебник „Уставно уредување на Република Македонија“.

Изборот на Ана Павлова-Данева

Во 1998 година, авторот на книгата (Шкариќ) приговара и на изборот на Ана Павлова-Данева за помлад асистент на научната област Управно право. Со образложение дека во нејзиното досие за постдипломски студии пишува авторот (Шкариќ) недостасуваше положен испит по предметот Методологија на правните науки. За време на нејзините студии, постдипломските студии од областа на управното право беа нерегуларни. Затоа што, не беа усвоени ни наставните програми, ниту беше предвидена задолжителната литература за предметите Управно право, Методологија на правните науки, Наука за управата, Управно процесно право, Управно судство и Споредбена управа….(повеќе прочитајте од книгата „Поглед Отнатре“ страна 246,247)

Изборот на Љубомир Фрчковски за редовен професор

Во 2003 година, не беше прифатен приговорот на авторот (Шкариќ) за избор на Љубомир Фрчковски за редовен професор по предметот Меѓународно јавно право. Авторот во неговата книга наведува дека кандидатот е избран за доцент и вонреден професор спротивно од Законот за високо образование. Законот бара кандидатот да има докторат од областа на правото. А тој нема докторат од областа на правото.

Во приговорот авторот (Шкариќ) го спомнува и плагијатот. Во учебникот „Меѓународно јавно право“ напишан од Љубомир Фрчковски, Васил Тупурковски и Владимир Ортаковски е направен плагијат. Во делот на учебникот напишан од Фрчковски, плагиран е дел од учебникот „Меѓународно јавно право“ на Петар Манговски. Плагиран е текстот од насловот „Меѓународно и меѓународно регионално право“(стр.11-12).

Нерегуларностите на постдипломските студии продолжија пишува авторот (Шкариќ) и во периодот од 1999 до 2006 година…. При приемот на кандидатите за постдипломски студии по политичко – правни науки и комуникологија: управно право, уставно право, теорија на правото и комуникологија, кандидатите на наведените предмети не се водело сметка за исполнување на условите наведени во огласот. На управно право е примена кандидатка со завршен Економски факултет, а на уставно право кандидатка што завршила политички науки. Не се држеле ни предавања на одредени насоки (Шкариќ). Има постдипломци што ја платиле школарината од 2000 или 2500 евра, а не слушале ни еден час предавања… …(поопширно прочитајте  од книгата „Поглед Отнатре“ страна 248,249)

Констатцијата на авторот (Шкариќ) е дека поголем број професори, како што пишува беа свртени повеќе кон личните интереси, а помалку кон наставните програми и интересите на факултетот. Не мал број од нив беа вклучени во приватизацијата на општествениот капитал и борбата за освојување на министерските места и други високи функции во земјата. Во целост го подржувам професорот Светомир Шкариќ кога станува  збор за повеќе „разиграни постави“ во периодот од 1992 до 2002 година. Во врска со разигрувањето, Мирка Велиновска во неделникот „Фокус“ од 27 декември 2002 година го забележа следново: „Изгледа само Марјановиќ и Шкариќ во овие постави не се разиграни… Според неа, првите пет места на разиграни професори во приватизацијата на општествениот капитал и заземањето на министерските места се наоѓаат Љубомир Фрчковски, Јане Миљовски, Лазар Китановски, Тито Беличанец и Владо Поповски.

Јас би додал дека продолжуваат „разиграните постави“ и со други „играчи-професори“ и до ден денес 2026 година. Оваа книга од проф. д-р Шкариќ е сведоштво за криминализација на високото образование уште многу одамна која ги влече корењата од периодотот на политизација на високото образование. Па, се прашувам каков морален лик имале професорите од овој факултет кои извршувале министерски и други важни политички функции во извршната власт. И да не се чудиме што нашите институции одамна се уништувале и тоа од професори кои преку своето учество во извршната власт не придонеле кон подобрување на состојбите во системот.

А, прашањето за квалитетот на кадрите кои ги продуцирале, колку од нив-студентите полагале испити кај ненадлежни испити, како е синот на проф. д-р Саво Климовски, сега дотурка и до директор на Државна лотарија, веројатно како експерт за право на игри на среќа, академски добро поткован??? Грозни сведоштва за кариерниот развој на професорите на Факултетот кој треба да биде извор на владеење на правото и на идните никулци на правната држава. Не е чудно што поголем дел од министрите професори од Правен факултет завршија со поднесени кривични пријави кои за жал не го доживееја денот на пресудата.

Може да се заклучи дека, постои криза на моралниот интегритет и недоставуваат професори кои значеа име и презиме на Правниот факултет “Јустинијан Првиˮ во Скопје. Ги нема повеќе квалитетните професори: Евгени Димитров, Ѓорѓе Марјановиќ, Данче Манолева, Асен Групче, Владо Картов, Иво Пухан и уште многу други. За жал, денес таму професори се децата на пензионираните професори, кои во ниту еден поглед не ги надминаа нивните родители. Овие семејни академски релации на станување професор по наследен пат пркоста на секоја реформа на високото образование.

Секако и на оваа плагијаторска, најнова реформа на Весна Јаневска, која делува според системот на професорите од овој факултет, сместувајќи си ја ќерката на Медицинскиот факултет во Скопје, со што нема право, ниту образ да објаснува дека става ред во систем кој е уништен уште многу одамна, секако и од времето кога таа беше професорка. Жално за нашата држава!

За другите постави, во некоја од моите наредни колумни.

СО ГОСПОД-НАПОМОШ- МАКЕДОНИЈО!

CATEGORIES
TAGS
Share This