ПАЦИЕНТИТЕ СО РАК ИЗЛЕГОА НА ПРОТЕСТ Бараат сигурна терапија и долгорочно решение за проблемите на Онкологија
Од ‘Пеперутки’ велат дека дел од лековите се обезбедени, но предупредуваат дека застојот во лекувањето носи страв и неизвесност.

Пациенти со онколошки заболувања протестираа пред Министерството за здравство, алармирајќи за повторливите проблеми со недостиг на терапија на Клиниката за онкологија. Тие побараа итни и трајни решенија за да се обезбеди редовно и непречено лекување.
Претставници на пациентската група „Пеперутки“ по средбата со заменик-министерот за здравство Јовица Андоновски информираа дека моментално состојбата со терапијата е подобрена, бидејќи дел од лековите веќе се пристигнати, а останатите се очекува да бидат испорачани во наредните денови.
Според нив, најчесто недостасувале лековите „Фулвестрант“ и „Золадекс“, но овојпат проблем имало и со дел од цитостатската терапија која се наоѓа на позитивната листа на лекови.
Од здружението предупредија дека ваквите прекини создаваат страв, незадоволство и неизвесност кај пациентите кои зависат од редовна терапија.
„Не бараме привилегии, туку навремена и континуирана терапија“, порачаа од „Пеперутки“, додавајќи дека доколку повторно се појават проблеми со снабдувањето, ќе инсистираат јасно да се утврди каде се појавува застојот – во институциите или кај добавувачите.
Како еден од клучните проблеми во борбата против ракот, пациентските организации ја посочуваат слабата превенција и недоволно развиените скрининг-програми. Според нив, без рано откривање на болеста ќе расте бројот на пациенти, а со тоа и трошоците за лекување.
Тие сметаат дека се потребни долгорочна национална стратегија и системски решенија, наместо привремени интервенции кога ќе се појави криза.
Од Министерството за здравство соопштија дека заменик-министерот Јовица Андоновски одржал работна средба со претставници на здружението ХЕМА-ОНКО и групата „Пеперутки“, на која биле разгледани потребите на пациентите и можностите за подобрување на здравствената заштита.
Од ресорното министерство информираат дека за онкологијата е обезбедено значително зголемување на буџетските средства, а за лековите кај кои имало доцнења веќе биле преземени мерки.
„Дел од испораките се реализирани, за дел се склучени нови договори, а за останатите се обезбедуваат привремени решенија до целосно нормализирање на состојбата“, наведуваат од Министерството.
На средбата биле отворени и теми поврзани со навремена дијагностика, подобра информираност на пациентите, намалување на административните процедури и олеснување на пристапот до здравствените права.

