КАКО ПОМИНАА ГРАНИЦА Пратеници со забрана за влез присуствувале на судење во Кочани

Двајца пратеници од бугарската „Преродба“ објавија фотографии од судница во Кочани, иако според пресуда имале едногодишна забрана за влез во Македонија.

КАКО ПОМИНАА ГРАНИЦА Пратеници со забрана за влез присуствувале на судење во Кочани
Фото: Принтскрин

Двајца пратеници од бугарската партија „Преродба“ минатата недела присуствувале на судење во Основниот суд во Кочани, иако според важечка судска одлука имале забрана за влез во Северна Македонија.

Станува збор за Крсто Врачев и Ангел Георгиев, кои преку објави на социјалните мрежи потврдиле дека биле присутни во судницата за време на рочиштето на 23-годишната кочанчанка Ива Михајлова, која има македонско и бугарско државјанство.

Според информациите објавени од медиумите, двајцата пратеници се повикале на случајот за да упатат критики кон македонскиот правосуден систем, тврдејќи дека станува збор за притисок врз лице кое се декларира како Бугарка.

Забраната за влез произлегува од пресуда на Основниот суд во Битола, со ознака ПРК-О-263/25, со која на 27 лица, сите пратеници на „Преродба“, им била изречена едногодишна мерка забрана за влез во државата, како и парични казни од 50 до 230 евра.

Во судската одлука се наведува дека лицата на 15 јуни 2025 година нелегално ја преминале државната граница од Грција и незаконски престојувале повеќе денови во Северна Македонија.

И покрај изречената мерка, Врачев и Георгиев успеале да влезат во државата и да присуствуваат на судското рочиште во Кочани.

Од Министерството за внатрешни работи информираа дека не доставуваат податоци за влез и излез на лица на барање на трети страни. Таквите информации, според МВР, се обезбедуваат само по барање на надлежен државен орган согласно законските процедури или лично на граѓанинот за негови потреби.

За деталите околу судската забрана, МВР упати на Основниот суд во Битола.

CATEGORIES
Share This