ДВЕ ПОБЕДИ, ЕЛИТА И ГОЛЕМА ШАНСА ЗА МУНДИЈАЛ Македонија утре тргнува по нов успех
Македонските кадети со максимален ефект во групата обезбедија место меѓу 16-те најдобри, а сега ги очекува битка за што подобар пласман.

Македонската кадетска ракометна репрезентација до 18 години успешно ја заврши групната фаза на Европското првенство во Белград и со две победи над Италија и Турција обезбеди пласман меѓу 16-те најдобри селекции на континентот.
Со овој резултат Македонија го обезбеди и опстанокот во елитната конкуренција. Дополнително, пласманот меѓу најдобрите 15 селекции носи и билет за следното Светско првенство. Доколку, пак, домаќинот на Мундијалот се најде во оваа група, тогаш и сите 16 селекции ќе обезбедат настап на светскиот шампионат.
За избраниците на селекторот Горан Кузмановски сега следува разигрувањето за пласман од 9. до 16. место на конечната табела.
Првиот предизвик е веќе утре. Македонија од 12 часот ќе се соочи со селекцијата на Фарски Острови, во натпревар кој ќе биде важен чекор кон што подобар пласман на континенталниот собир.
Покрај Македонија и Фарски Острови, во разигрувањето за местата од 9. до 16. се и Португалија, Шведска, Србија, Австрија, Полска и Израел.

