СЕ ЗАОСТРУВА БИТКАТА ЗА ФРАНЦУСКИОТ ПРЕДЛОГ – СДСМ тврди дека Владата договорила, МНР категорично демантира

Од Владата велат дека нема тајни преговори, додека СДСМ инсистира дека добил информации од Брисел за веќе договорен процес.

СЕ ЗАОСТРУВА БИТКАТА ЗА ФРАНЦУСКИОТ ПРЕДЛОГ – СДСМ тврди дека Владата договорила, МНР категорично демантира
Фото: Принтскрин

Министерството за надворешни работи ги отфрла обвинувањата на СДСМ дека Владата подготвува терен за прифаќање на таканаречениот „француски предлог“ и тврди дека нема ниту таен договор, ниту тајни преговори за ова прашање. Од МНР денешната прес-конференција на СДСМ ја оценија како „уште еден обид за создавање хистерија и дезинформирање на јавноста“, обвинувајќи ја опозициската партија дека пласира невистини наместо да преземе одговорност за своите политики.

„Тврдењата за постоење таен договор или тајни преговори се само уште една во низата измислици што СДСМ ѝ ги пласира на јавноста“, велат од Министерството.

Оттаму посочуваат дека институциите редовно комуницираат со земјите членки на ЕУ, европските институции, Бугарија и другите меѓународни партнери, но нагласуваат дека тие разговори се водат транспарентно.

„Нема отстапки од националните интереси, идентитетот, јазикот и историјата. Полноправното членство во Европската Унија останува стратешка определба и крајна цел на оваа Влада“, стои во реакцијата.

Од МНР велат дека суштинската разлика со СДСМ е во начинот на кој се води надворешната политика. Според нив, во минатото договори и компромиси биле прифаќани „далеку од очите на јавноста и на штета на националните позиции“, додека актуелната Влада, како што тврдат, одлуките ги носи транспарентно и во согласност со државните интереси. Министерството дополнително го обвини СДСМ дека преку ваквите настапи му се додворува на одредени политички кругови во соседството, наместо да ги брани интересите на државата.

Од СДСМ, пак, претходно изнесоа тврдења дека Владата веќе постигнала договор за начинот на кој ќе се одвива процесот поврзан со „францускиот предлог“. Андреј Жерновски, член на Извршниот одбор и секретар за меѓународна соработка на СДСМ, рече дека партијата добила информации од Брисел оти Владата на Христијан Мицкоски веќе го договорила процесот. Жерновски тврди дека од Брисел, Берлин и Париз пристигнувале сигнали дека се исцрпени досегашните обиди на Владата да го објасни својот пристап кон европските интеграции.

Тој ги отфрли досегашните најави за „одложено дејство“, посебни услови и други механизми, оценувајќи дека „нема простор за нови импровизации“. Така, спорот меѓу власта и опозицијата повторно се заострува околу европската интеграција на земјата, односите со Бугарија и условите под кои Македонија би продолжила кон членство во Европската Унија.

ШТО СЕ ПРЕГОВАРА ПОД РАДАРОТ Муцунски потврди дека се бара решение за европскиот пат

CATEGORIES
Share This