ПИЈАНО-СПЕКТАКЛ ВО СВЕТА СОФИЈА Вадим Холоденко повторно го воодушеви „Охридско лето“

Украинскиот пијанист, победник на престижниот натпревар „Ван Клибурн“, по осум години повторно настапи пред охридската публика со дела од Шуман и Берлиоз.

ПИЈАНО-СПЕКТАКЛ ВО СВЕТА СОФИЈА Вадим Холоденко повторно го воодушеви „Охридско лето“
Фото: Принтскрин

Украинскиот пијанист Вадим Холоденко, еден од најистакнатите и технички најнадарените пијанисти од својата генерација, синоќа настапи со пијано-рецитал во црквата „Света Софија“, во рамките на фестивалот „Охридско лето“. Познат по извонредната техничка прецизност, динамичните интерпретации и внимателно изградената музичка драматургија, Холоденко зад себе има бројни настапи како солист и со реномирани оркестри во Европа, Северна Америка и Азија. На фестивалската сцена во Охрид се врати по пауза од осум години.

„Се радувам што сум повторно на фестивалскиот репертоар. Се сеќавам на мојот последен настап овде, кога публиката беше многу внимателна и беше вистинско задоволство да се свири. Вечерашната програма беше навистина посебна“, изјави Холоденко.

На програмата беа „Фантазија“ од Роберт Шуман, како и „Фантастична симфонија“ од Хектор Берлиоз во пијано-транскрипцијата на Франц Лист.

„Иако „Фантастичната симфонија“ е напишана за оркестар, Франц Лист направил транскрипција за пијано и сметам дека е навистина интересно дело за изведување на пијано. Звучи сосема поинаку, но има своја смисла. Интересно е што самиот Шуман првпат ја слушнал „Фантастичната симфонија“ преку транскрипцијата на Лист, а не во оркестарската верзија“, посочи пијанистот.

Холоденко го привлече вниманието на светската музичка јавност во 2013 година, кога ја освои првата награда на престижниот Меѓународен пијанистички натпревар „Ван Клибурн“ во САД. Во текот на својата кариера соработувал со голем број познати оркестри и диригенти, а неговите снимки наидоа на одлични оценки од музичката критика. За „Harmonia Mundi“ ги снимил концертите на Едвард Григ и Камиј Сен-Санс, како и комплетните концерти за пијано и оркестар од Сергеј Прокофјев.

Овие изданија добија високи оценки од магазинот „Грамофон“, беа прогласени за „избор на критичарите“ од „BBC Music Magazine“ и ја освоија наградата „Златен дијапазон“. Неговиот последен албум, објавен во 2022 година за „Quartz Music“, со „Дијабели варијациите“ од Лудвиг ван Бетовен и делото „Обединетите нации никогаш нема да бидат поразени“ од Фредерик Ржевски, исто така беше одлично оценет од стручната критика.

Вадим Холоденко е роден во Киев. Музичкото образование го започнал во Украина, а го продолжил на Конзерваториумот „П. И. Чајковски“. Добитник е на повеќе награди од престижни меѓународни пијанистички натпревари и денес важи за еден од највпечатливите пијанисти на својата генерација.

CATEGORIES
Share This