СТИГНУВААТ 40 СТЕПЕНИ – УХМР со итна препорака до земјоделците – вака да ги спасите посевите од топлотниот удар
Агрометеоролозите препорачуваат наводнувањето да се врши само во ноќните или раните утрински часови, а особено внимание да се посвети на пченката која е во фаза на интензивен раст.

Земјоделските производители треба да продолжат со редовно наводнување на посевите, особено во периодот на екстремно високи температури, кои според прогнозите ќе достигнат и до 40 степени.
Агрометеоролозите од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) препорачуваат наводнувањето да се врши исклучиво во текот на ноќта или во раните утрински часови. На овој начин се намалува испарувањето на водата и се избегнува температурен шок за кореновиот систем на растенијата.
Топлото време ја зголемува транспирацијата и евапорацијата, поради што растенијата губат поголеми количества вода. Во услови на високи температури, загубата на вода преку листовите може да биде поголема од количината што кореновиот систем успева да ја обезбеди од почвата. Тоа може да доведе до нарушување на водниот баланс, воден дефицит и суша кај растенијата.
Од УХМР посочуваат дека најголем дел од земјоделските култури во моментов се во фаза на интензивен раст или берба, па обезбедувањето доволно влага е особено важно.
Пченицата веќе е ожнеана или е во фаза на прибирање. По вршидбата, зрното по потреба треба да се досуши до околу 14 проценти влага, по што се складира во магацини или силоси. Сламата се балира и се складира до нејзиното понатамошно користење.
Посебно внимание, според агрометеоролозите, треба да се посвети на пченката, која иако се смета за релативно отпорна на суша, во овој период има зголемени потреби од вода. Најголемата потреба за наводнување е од фазата на метлење до налевањето на зрното. Недостатокот на влага и топлотниот стрес во оваа фаза може значително да влијаат врз крајниот принос.
Земјоделците се советуваат редовно да ги контролираат посевите и да следат дали се појавуваат болести и штетници, како и навремено да ги преземаат потребните агротехнички мерки.
Поради високите температури, од УХМР препорачуваат сите неопходни активности на отворено да се извршуваат во раните утрински или вечерните часови, кога температурите се пониски и условите за работа се побезбедни.

