КОЈ ЌЕ ГО НАСЛЕДИ ГУТЕРЕШ Три кандидатки влегуваат во битка за шеф на ОН

Гринспан, Еспиноса и Родригес-Биркет го претставија својот план: борбата против организираниот криминал, мирот и безбедноста меѓу главните приоритети.

КОЈ ЌЕ ГО НАСЛЕДИ ГУТЕРЕШ Три кандидатки влегуваат во битка за шеф на ОН
Фото: Принтскрин

Трите жени кои се кандидираат за функцијата генерален секретар на Обединетите нации порачаа дека борбата против криминалот, зајакнувањето на безбедноста и зачувувањето на мирот ќе бидат меѓу главните приоритети доколку бидат избрани. Кандидатките своите програми ги претставија на настан во Монтевидео, Уругвај. Меѓу нив се Костариканката Ребека Гринспан, Еквадорката Марија Фернанда Еспиноса и Керолин Родригес-Биркет од Гвајана.

Гринспан, поранешна потпретседателка на Костарика, истакна дека Латинска Америка и Карибите се соочуваат со сериозен проблем со меѓународниот и транснационалниот криминал.

„Ние сме регион на мирот, зафатен од насилството на меѓународниот и транснационалниот криминал, и знаеме дека мирот и безбедноста мора да бидат приоритет и на ОН“, порача таа.

Родригес-Биркет, поранешна министерка за надворешни работи на Гвајана, исто така го стави акцентот на мирот и безбедноста. Таа како важни области ги посочи и економскиот и општествениот развој, како и заштитата на човековите права.

Еспиноса, која исто така беше министерка за надворешни работи на Еквадор, смета дека Обединетите нации мора дополнително да ја зајакнат меѓународната соработка во борбата против организираниот криминал. Според неа, организираниот криминал „буквално ги разорува општествата“, поради што ОН треба да имаат посилна улога во координирањето на меѓународниот одговор.

Трката за наследник на актуелниот генерален секретар Антонио Гутереш се одвива во период кога ОН се соочуваат со сериозни финансиски проблеми и криза на доверба. САД, како најголем финансиер на организацијата, значително ја намалија поддршката за дел од програмите на ОН, додека американскиот претседател Доналд Трамп во повеќе наврати упатуваше критики кон организацијата.

По првото индикативно гласање во Советот за безбедност на ОН минатата недела, 70-годишната Гринспан се најде пред Родригес-Биркет. На третото место се пласираше Аргентинецот Рафаел Гроси, актуелен директор на Меѓународната агенција за атомска енергија.

Во оваа фаза од трката, меѓу останатите кандидати се и Марија Фернанда Еспиноса, поранешната претседателка на Чиле Мишел Бачелет, Олара Отуну од Уганда и поранешниот претседател на Сенегал Маки Сал.

Мандатот на Антонио Гутереш истекува на 31 декември, по што Обединетите нации ќе добијат нов генерален секретар.

CATEGORIES
Share This