ШТО ИМА ВО ВОДАТА ВО ГОСТИВАР Откриено која бактерија е пронајдена
Најновите анализи покажуваат дека водата сè уште не е безбедна за пиење и може да се користи само за технички потреби.

Водата од водоводниот систем во Гостивар и натаму не е безбедна за пиење и се препорачува да се користи исклучиво за технички потреби, откако во дел од земените примероци повторно е утврдено присуство на бактерии. Во водата е детектирана Pseudomonas aeruginosa, бактерија поради која водата се смета за микробиолошки неисправна. Бактеријата може да предизвика инфекции, особено кај почувствителните лица, а позната е и по отпорноста на одредени антибиотици.
Институтот за јавно здравје, во соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство, секојдневно зема примероци и ја следи состојбата. Последните анализи покажуваат дека во дел од примероците сè уште има присуство на бактерии. Во меѓувреме, продолжува хиперхлорирањето на водоводниот систем, а надлежните очекуваат во наредниот период водата повторно да биде прогласена за исправна.
За потребите на граѓаните денеска се ангажирани три цистерни со питка и техничка вода – една од ТППЕ Гостивар, една од „Бехтел и Енка“ и една од Боговиње. Цистерните досега по двапати биле испратени за дотур на вода, а планирано е до вечерта да имаат уште по два турнуса. Дистрибуцијата се одвива во координација со Општинскиот штаб за заштита и спасување на Општина Гостивар.
Од Министерството за здравство претходно информираа дека епидемиолошката состојба во Гостивар е стабилна и дека надлежните институции продолжуваат со континуирано следење. Во текот на 1 август биле регистрирани 57 први прегледи на пациенти, што е за три помалку во однос на претходниот ден, кога биле евидентирани 60 прегледи. Во изминатото деноноќие нема нови хоспитализации.
Заклучно со 1 август, во Гостивар се пријавени вкупно 1.041 случај на заразна болест, а здравствените служби изработиле 734 епидемиолошки анкети.

