ТРАМП ВЕЛИ ПРЕГОВОРИ, ИРАН ОДГОВАРА: Не преговараме со Америка

Додека американскиот претседател најавува продолжување на разговорите со Техеран, иранското МНР тврди дека во моментов нема директни преговори со САД.

ТРАМП ВЕЛИ ПРЕГОВОРИ, ИРАН ОДГОВАРА: Не преговараме со Америка
Фото: Принтскрин

Иран во моментов не води преговори со Соединетите Американски Држави, туку разговара со Оман за обезбедување безбедна пловидба низ Хормускиот теснец, изјави портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багеи.

„За да се избегне двосмисленост, потребно е да се каже со кого се преговара. Во моментов не преговараме со САД“, рече Багеи, пренесува „Тасним“.

Тој појасни дека разговорите со Оман се однесуваат на утврдување на безбедна рута за бродовите низ Ормускиот теснец. Според него, маршрутата најверојатно ќе биде привремена и ќе биде договорена во консултација со Оман, со цел да се намалат ризиците за пловидбата. Багеи нагласи дека станува збор за билатерални разговори меѓу две крајбрежни држави.

„Другите можат да дејствуваат конструктивно или деструктивно, но прашањето е поврзано со Иран и Оман. Што ќе се случи потоа, треба да се одлучи“, додаде тој.

Според иранскиот портпарол, разговорите со Оман во последните неколку дена се интензивирале, додека иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи остварувал контакти со свои колеги од други земји со цел да се спречи натамошна ескалација и да се заштитат интересите на Иран. Багеи се осврна и на односите со Кина, истакнувајќи дека Техеран и Пекинг имаат пријателски односи и дека Кина ја дели загриженоста на Иран поради, како што рече, „американското воинствено однесување“ и нестабилноста во регионот. Иранскиот дипломат истовремено ја обвини Израел за продолжување на, како што ги нарече, „злосторствата“ во Газа, на Западниот Брег и во Либан.

„Одговорноста на Советот за безбедност и Обединетите нации е јасна, а нормализацијата на злосторствата, вклучително и геноцидот, е навистина срамна“, изјави Багеи.

Тој ги повика исламските земји да посветат внимание на ова прашање. Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп во неделата изјави дека разговорите со Иран треба да продолжат во понеделник. Трамп, говорејќи пред новинарите во претседателскиот авион „Air Force One“, рече дека САД се подготвени за разговори и преговори со Техеран. Тој истовремено потврди дека наредил откажување на, како што го опиша, „масовен напад“ врз Иран.

„Тие го знаеја обемот на нападот бидејќи видоа како се подготвуваме. Сега работиме на разговор со нив, на преговори и тоа започнува во понеделник попладне. Ќе видиме“, изјави Трамп, според CNN.

Спротивставените изјави од Вашингтон и Техеран оставаат нејасно дали во моментов постои директен канал за преговори меѓу двете земји, додека дипломатските контакти продолжуваат преку други држави, меѓу кои и Оман.

CATEGORIES
Share This