ПОЧИНА Д-Р НИКОЛА СТОЈАНОВСКИ Првиот претседавач на повеќепартиското Собрание и последниот жив партизан

Како највозрасен пратеник, тој беше избран да ја води првата седница на повеќепартискиот Парламент.

ПОЧИНА Д-Р НИКОЛА СТОЈАНОВСКИ Првиот претседавач на повеќепартиското Собрание и последниот жив партизан
Фото: Принтскрин

Во 103. година од животот почина д-р Никола Стојановски, потврди неговото семејство. Стојановски ќе остане запаметен како првиот претседавач на повеќепартиското Собрание на Македонија, но и како последниот жив учесник во Народноослободителната борба. Како највозрасен пратеник, тој ја водеше конститутивната седница на Собранието одржана на 8 јануари 1991 година, сè до изборот на Стојан Андов за претседател на Парламентот.

Стојановски во една прилика се присетуваше на атмосферата во првото повеќепартиско Собрание, во период исполнет со политички тензии и различни ставови.

„Се сеќавам на тоа турбулентно време. Секоја партија сакаше да преовладува, нивните ставови да се слушнат. Првпат повеќепартиски парламент. Но, морав смирено да ја водам седницата, да ги сослушам, да се почитува редот“, раскажуваше Стојановски.

Тој успеал да го одржи редот во салата до изборот на Стојан Андов за претседател на Собранието. Интересен историски детал е што и првото заседание на АСНОМ во Прохор Пчински, одржано на 2 август 1944 година, го водел највозрасниот делегат – велешанецот Панко Брашнаров.

Брашнаров ја водел седницата сè до изборот на Методија Андонов-Ченто за претседател на Президиумот на АСНОМ. Децении подоцна, истата улога во создавањето на повеќепартискиот парламентарен живот ја имал уште еден велешанец – д-р Никола Стојановски.

Стојановски бил учесник и во штрајкот на велешките гимназијалци во март 1942 година, организиран како протест против воведувањето на бугарскиот јазик во наставата. Роден на 8 февруари во велешкото село Скачинци, Стојановски дипломирал на Медицинскиот факултет во Белград во 1952 година, а специјализирал педијатрија во Загреб во 1958 година.

Целиот свој работен век го посветил на медицината. Работел како лекар и педијатар, а во еден период бил и директор на Велешката болница. Во Велес ќе остане запаметен и по својата долгогодишна лекарска работа, а неговите сограѓани за него имаат бројни пофални зборови.

Д-р Никола Стојановски беше последниот жив партизан-учесник во НОБ и сведок на повеќе значајни периоди од современата македонска историја. Местото и денот на погребот дополнително ќе бидат објавени.

CATEGORIES
Share This