КРУШЕВО ГИ ПРЕЧЕКА КОЊАНИЦИТЕ Милошоски со порака од Гумење
Свечената поворка продолжи до местата кои го чуваат споменот на Илинден и на борците за македонската државност.

Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, денеска во Крушево ја пречека коњаницата која пристигна во рамки на манифестацијата „10 дена Крушевска Република“ 2026. По пристигнувањето на коњаницата и формирањето на свечената поворка, собраниската делегација, предводена од Милошоски, се упати кон месноста Гумење, каде што положи свежо цвеќе и оддаде почит на истакнати личности и борци од македонската историја.
Цвеќе беше положено на гробот на Питу Гули, пред споменикот на Партизанските гробишта, на гробот на Тоше Проески, пред Криптата на илинденските востаници, како и пред бистата на Веле Марков. Во собраниската делегација учествуваа и координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, пратеникот Петар Ристески и генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска.
Со учеството во одбележувањето на манифестацијата, делегацијата на Собранието оддаде почит на Илинденците и на сите борци кои со својата борба оставиле траен белег во создавањето на темелите на македонската државност.

