ДНЕВНА ДОЗА ПОЛИТИКА Што објавија денес ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија

Политички преглед на денот, сабота, 01 август 2026 година.

ДНЕВНА ДОЗА ПОЛИТИКА Што објавија денес ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија
Фото: Национал

Политички преглед на денот, сабота 01 август 2026 година. Што објавија ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија?

ВМРО-ДПМНЕ: Филипче нема кредибилитет да држи лекции за јавното здравје бидејќи тој знаел и молчел додека граѓаните со години пиеле неисправна вода

Филипче да престане да глуми загриженост за јавното здравје бидејќи тој знаел,  молчел и не постапувал додека бил министер, а институциите пријавувале бројни случаи на неисправна вода. Каде беше Филипче кога до Министерството за здравство, со кое раководеше, пристигнувале извештаи за неисправна вода за пиење во повеќе општини?

Во периодот кога Филипче беше министер, до институциите биле доставувани анализи и наоди кои укажувале на микробиолошки неисправна вода во повеќе населени места, меѓу кои Студеничани, Зелениково, Петровец, Крушево и локации во Скопје. Наместо навремено информирање и решителна реакција Филипче молчел и не постапувал, а граѓаните не биле навремено известени.

Во 2021-та година, водите не биле безбедни во Студеничани, Зелениково и Петровец.   Документи стигнале до Министерството за здравство, а Венко Филипче не ги известил граѓаните. Тука конкретно освен пронајдокот на бактеријата Ешерихија Коли, има и пронајдоци на зголемен број на колиформни бактерии исто како во Гостивар. Но, граѓаните тоа не го знаеле и никој не ги известил.

Во документи од 2019-та, некои 2018-та, во време додека Венко Филипче е министер за здравство, а Социјалдемократскиот сојуз се на власт, во Скопје била земена мостра во Аеродром во бушен бунар чешма, која вели дека не одговара на Правилникот за безбедност на вода токму поради зголемен број на колиформни бактерии. Истото она што се случува во Гостивар. Граѓаните завршувале по болници, не знаеле што им е, но Филипче знаел.

Доколку Министерството располагало со вакви информации, зошто јавноста не била информирана? Кој одлучил овие наоди да не бидат јавно презентирани? Кој ќе ја понесе одговорноста доколку имало институционални пропусти?

Очекуваме надлежните институции да ги разгледаат сите околности, да утврдат дали имало пропусти во постапувањето и, доколку се утврди одговорност, таа да биде соодветно санкционирана. Граѓаните заслужуваат отчетност од сите, без разлика дали се на власт или во опозиција.

СДСМ: За Мицкоски екскурзија во Белгија – за граѓаните македонски планини и езера

Христијан Мицкоски ќе оди на „екскурзија“ во Белгија. Малку Бриж. Малку Брисел. На граѓаните им порачува: летувајте на езерата и планините во Македонија. На границите – гужви и часови чекање. Затоа што Македонија е изолирана. Изолирана затоа што така сака Мицкоски. Не сака во ЕУ.

Затоа што во ЕУ обвинителството е независно и европско. Тогаш не може да се заканува на неистомислениците. Не може да се ослободуваат криминалци како Латас и Груевски. Не може да се враќа имот стекнат преку криминал – како Белата палата.

Мицкоски не го боли главата. Цела ВМРО-ОКГ си обезбеди бугарски државјанства и ЕУ пасоши, за себе и за своите семејства. Тие не чекаат на граница. Тие поминуваат преку посебен ЕУ премин. Имаат и фирми во ЕУ, во Бугарија.

Мицкоски, бидејќи го болат колената од клечење уште од кампањата кога ветуваше сè и сешто и молеше за власт, лета со државниот авион. Тој воопшто не ги чувствува проблемите на Македонија како слепо црево на Балканот и во Европа. Додека на граѓаните им порачува езера и планини, тие одат на луксузни дестинации.

Белгија е една од поскапите земји во ЕУ, но тоа не е проблем. Мицкоски и неговите тендер-патриоти можат да си го дозволат тоа. Кога може само за часовник од колекцијата да даде 65.000 евра, зошто не би можел и една „екскурзија“? А ти, народе македонски, гледај во празниот фрижидер и крпи крај со крај. Мицкоски е повторно – горд.

ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА: Не ни треба преведувач, туку бранител на Македонијаа – Единствена Македонија бара Фетаи да биде повлечен за претставник во Брисел

Единствена Македонија бара Владата да ја повлече одлуката Арбен Фетаи да биде назначен за специјален пратеник на Македонија за Европската Унија во Брисел. Партијата смета дека одлуката е погрешна и неприфатлива а во Брисел веќе функцијата шеф на Мисијата на Македонија при Европската Унија ја извршува амбасадорот Зулфи Исмаили.

Од Единствена Македонија додаваат дека не станува збор за тоа кој на која етничка заедница ѝ припаѓа и дека на клучните места во Брисле се двајца Албанци, туку кој најсилно може да ги брани интересите на Македонија, а Фетаи можат, на пример, да го пратат во Шведска, Данска, Норвешка… но никако во Брисел каде се бие битката за Македонија и Македонците.

Од Единствена Македонија реагираат и на образложението на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, кој како еден од аргументите за изборот на Фетаи го посочил неговото познавање на странски јазици.

Човек да се запраша: дали ние во Брисел праќаме преведувач или лице кое треба да ја брани Македонија и Македонците?, прашуваат од партијата.

Според Единствена Македонија, Брисел е најзначајниот европски политички и дипломатски центар и токму таму треба да бидат испратени луѓе со знаење, способност, достигнување, беспрекорна биографија и особено важно, со силна национална и патриотска определба.

Битката во Брисел не е натпревар во познавање јазици. Јазиците се корисни, но не се национална стратегија. Во Брисел се води битката за Македонија и Македонците“. „Што ќе брани Фетаи во спорот со Бугарија кога нема познавање на македонската историја и најголемиот дел од професионалниот ангажман го поминал работејќи за институции на Косово. Македонија се соочува со сериозни притисоци околу македонскиот идентитет, јазик, историја и бугарските барања, во Брисел мора да имаме луѓе кои точно знаат што треба да бранат и имаат силен мотив да ги застапуваат македонските интереси“, стои во реакцијата.

Во реакцијата се прави и паралела со деведесеттите години од минстиот век, кога познавањето на англискиот јазик тогашниот министер Љубомир Фрчкоски го претставуваше како клучна предност во однос на другите министри.

Триесет години подоцна вреди да се постави едноставно прашање: дали знаењето англиски јазик на Фрчкоски ги одбрани националните интереси?“, прашува Единствена Македонија.

Во Брисел мора да бидат испратени не оние што само знаат јазици, туку оние што знаат што е Македонија, што треба да бранат и нема да отстапат од македонските национални интереси – се вели во денешната реакција на Единствена Македонија.

CATEGORIES
Share This