ПАДНА БРОЈОТ НА ТУРИСТИ, НО ПРИХОДИТЕ РЕЧИСИ НЕ МРДНАА Што се случува во Турција

Турција во првите шест месеци од годинава остварила 25,7 милијарди долари од туризмот, додека земјата ја посетиле 25,7 милиони туристи.

ПАДНА БРОЈОТ НА ТУРИСТИ, НО ПРИХОДИТЕ РЕЧИСИ НЕ МРДНАА Што се случува во Турција
Фото: Принтскрин

Турција во првата половина од годинава остварила туристички приходи од 25,746 милијарди долари, што е речиси исто ниво како во истиот период минатата година, и покрај намалувањето на бројот на странски посетители предизвикано од регионалните геополитички тензии. Турскиот министер за култура и туризам Мехмет Нури Ерсој изјави дека од јануари до јуни земјата ја посетиле 25,759 милиони туристи, што претставува пад од 2,4 проценти во однос на истиот период лани, пренесува Анадолија.

Најбројни меѓу странските туристи биле посетителите од Русија, од каде пристигнале 2,65 милиони лица. Следуваат Германија со 2,44 милиони и Обединетото Кралство со 1,58 милиони туристи. И покрај падот на бројот на посетители, туристичката потрошувачка бележи подобрување. Просечниот престој се зголемил од 9,96 на 10,01 ноќевање, додека просечната потрошувачка по посетител пораснала од 106 на 109 долари.

Ерсој оцени дека конфликтите и зголемените тензии на Блискиот Исток, особено меѓу Иран, Израел и САД, имаат негативно влијание врз меѓународниот туризам. Сепак, турскиот министер очекува туристичкиот сектор повторно да забрза во третиот квартал од годината. Според него, растот би требало да биде поттикнат од засилените промотивни активности и мерките за државна поддршка на туристичкиот сектор.

Турската влада, како што посочи Ерсој, обезбедила пакет финансиска поддршка вреден околу 1,1 милијарда евра преку кредити, дополнителни 110 милиони евра за субвенционирање на вработените во туризмот, како и привремено намалување на данокот за сместување на еден процент до крајот на годината.

CATEGORIES
Share This