ДИНО, КРАДЕЦУ Хаос на Кошево, луѓе со билети останаа надвор, дел пробиваа на стадионот

Првиот од трите концерти на Дино Мерлин во Сараево беше засенет од револт на публиката – илјадници посетители тврдат дека не успеале да влезат и покрај купените билети.

ДИНО, КРАДЕЦУ Хаос на Кошево, луѓе со билети останаа надвор, дел пробиваа на стадионот
Фото: Принтскрин

Првиот од трите најавени концерти на Дино Мерлин на стадионот „Кошево“ во Сараево заврши во сенка на голем скандал, откако илјадници посетители со уредно купени билети не успеаја да влезат на концертот. Според сведоштвата на присутните, проблемите настанале додека концертот веќе започнувал. Додека дел од публиката сè уште се обидувала да влезе на стадионот, влезовите биле затворени откако бил исполнет капацитетот.

Пред стадионот настанала голема гужва и хаос. Револтирани посетители почнале гласно да негодуваат, а дел од нив, според снимките објавени на социјалните мрежи, успеале да пробијат еден од влезовите. Други се обидувале да влезат преку ѕидовите и помошните скали. Ситуацијата се пренела и на самиот концерт. Во моментот кога Мерлин зборувал со публиката, од трибините почнало да се слуша гласно скандирање: „Дино, крадецу!“

Пејачот во еден момент прекинал со обраќањето и зачудено погледнал кон трибините, очигледно обидувајќи се да разбере што се случува. Набргу потоа ја напуштил сцената и се упатил кон членови на својот тим, додека снимката прекинува.

Во меѓувреме, се појави и ново видео на кое се гледаат револтирани посетители како се обидуваат да стигнат до стадионот преку помошните скали, додека постојано скандираат: „Дино, крадецу!“ Случувањата пред и за време на концертот предизвикаа бројни реакции на социјалните мрежи, а останува да се види како организаторите ќе го објаснат проблемот со влезот на посетителите кои имале купени билети.

CATEGORIES
Share This