ПОРАКА ДО 496 НОВИ ПОЛИЦАЈЦИ Униформата носи тежина, но и огромна чест

На свеченоста во Идризово новата генерација ја положи заклетвата, а министерот порача дека полициската професија е животен избор.

ПОРАКА ДО 496 НОВИ ПОЛИЦАЈЦИ Униформата носи тежина, но и огромна чест
Фото: Принтскрин

Полициската професија не завршува со истекот на работното време, туку претставува животен избор и повик кој бара храброст, смиреност, чесност и човечност, порача министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на денешното промовирање на 496 нови полициски службеници од генерацијата 2025/2026.

На свеченоста во Полициската академија на Министерството за внатрешни работи во Идризово, Тошковски им порача на новите полицајци дека во текот на кариерата ќе имаат ситуации во кои ќе бидат први на местото на несреќата, први кога граѓаните ќе побараат помош и оние кои ќе треба да застанат помеѓу опасноста и луѓето. Според него, носењето на полициската униформа претставува голема одговорност, но и чест.

Тошковски истакна дека свечената заклетва треба да биде сфатена како лична обврска пред себе, семејството, колегите и државата. Тој ги повика новите полициски службеници доследно да ги почитуваат Уставот и законите, бескомпромисно да се борат против криминалот и корупцијата и да ја штитат безбедноста на сите граѓани, без оглед на нивната етничка, верска, политичка или друга припадност.

Министерот посочи дека силната држава се гради врз силни институции, додека безбедноста е основа за економски развој, правна сигурност и подобар квалитет на живот. Тој се осврна и на процесот на модернизација на полицијата, при што ги посочи изградбата и обновата на полициски станици, набавката на современа опрема и нов возен парк, подобрувањето на условите за работа и дигитализацијата на услугите.

„Резултатите веќе се видливи. Денес Македонија има најнизок криминалитет во последните 20 години, што е резултат на посветената работа на секој полициски службеник, но и на реформите, модернизацијата и професионализацијата што континуирано ги спроведуваме“, истакна Тошковски.

Тој нагласи дека новата генерација за време на обуката покажала висока подготвеност, дисциплина и професионален потенцијал, а обуката ја завршила во целосно обновени услови. Според Тошковски, Центарот за обука во Идризово денес е современа образовна институција, меѓународно акредитирана за спроведување полициска едукација според професионални стандарди.

Од оваа година, како што посочи, Центарот за обука прераснува во Полициска академија, која ќе има клучна улога во развојот на полициското образование, континуираната обука и професионалната специјализација на полициските службеници.

CATEGORIES
Share This