ВЛАДАТА ГО ИСПРАЌА ФЕТАИ ВО СРЦЕТО НА ЕУ Опозицијата прашува: Кој ќе ја брани Македонија

Владата го брани изборот, опозицијата обвинува за политичка награда и прашува кој ќе ја застапува Македонија пред ЕУ.

ВЛАДАТА ГО ИСПРАЌА ФЕТАИ ВО СРЦЕТО НА ЕУ Опозицијата прашува: Кој ќе ја брани Македонија
Фото: Принтскрин

Од вицепремиер чието отсуство од работното место со недели беше тема во јавноста, до специјален претставник во Брисел – новата функција на Арбен Фетаи предизвика низа политички реакции. Од Владата за ТВ 24 велат дека назначувањето е направено согласно законските надлежности, а главната задача на Фетаи ќе биде да придонесе за забрзување на европската интеграција на земјата. Како негови предности ги посочуваат познавањето на три странски јазици и искуството во комуникација со европските институции.

„Станува збор за лице кое активно работи на отворање можности за обезбедување финансиски средства и продлабочување на соработката со европските институции“, велат од Владата.

Според официјалното образложение, неговите обврски ќе вклучуваат претставување на државата и заштита на нејзините интереси во меѓународната комуникација, предлагање мерки до институциите, промоција на реформските процеси, идентификување политички и дипломатски предизвици, како и зајакнување на позицијата на земјата во Брисел. Фетаи треба да остварува контакти со европски функционери, да придонесе за дипломатско застапување на политиката на проширување и да иницира посети на високи претставници на Европската Унија во Скопје.

Османи: Се создава паралелен канал во Брисел

На назначувањето реагираше поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи, кој предупреди дека се создава паралелен дипломатски канал и дека се доведува во прашање улогата на Постојаната мисија на Македонија при Европската Унија.

„Северна Македонија има Постојана мисија при Европската Унија, предводена од амбасадор и составена од десетици дипломати кои секојдневно работат со европските институции. Кој е тогаш мандатот на новиот претставник и која задача ќе ја извршува што не можат да ја извршат Мисијата, Министерството за надворешни работи и Министерството за европски прашања?“, праша Османи.

Опозицијата со остри критики

Од ЛДП оценуваат дека станува збор за „награда за неодговорност“ и порачаа дека изборот испраќа лош сигнал кон Брисел.

„Каков сигнал испраќа оваа Влада кога за специјален претставник именува човек чија единствена докажана квалификација е неработењето и избегнувањето на обврските?“, велат од партијата.

И од Левица реагираа дека назначувањето претставува политичка награда, а не избор врз основа на заслуги.

„Кога очекуваш санкција – добиваш унапредување. Тоа е мерит-системот на Мицкоски“, порачаа од Левица.

Од Единствена Македонија оценуваат дека Владата донела погрешна одлука со именувањето на Фетаи за специјален претставник во Брисел. Од партијата велат дека нивната реакција не е поврзана само со претходните обвинувања за неговото отсуство од работа, туку пред сè со, како што наведуваат, неговиот недоволен капацитет да ги застапува македонските национални интереси во период кога клучните политички процеси се водат во европските институции.

„Битката за Македонија и македонските интереси во голема мера се води во Брисел. Токму таму е потребен искусен и подготвен претставник кој ќе може аргументирано да ги брани македонските позиции“, велат од партијата.

Од Единствена Македонија додаваат дека сметаат оти Фетаи нема доволно познавање на македонската историја и дека неговото досегашно професионално искуство е главно поврзано со косовските институции.

„Не спориме дека Владата, согласно коалицискиот договор со албанскиот политички партнер, треба да обезбеди соодветна функција. Но Брисел не смее да биде место за кадровски компромиси, бидејќи таму се води клучната битка за Македонија и Македонците“, наведуваат од партијата.

Фетаи: Чест и голема одговорност

Арбен Фетаи ја потврди новата функција преку социјалните мрежи, оценувајќи ја како голема чест, но и сериозна одговорност. Тој пред два месеци поднесе оставка од функцијата вицепремиер за добро владеење, по јавните реакции околу неговото отсуство од работа. Прашањата упатени до премиерот Христијан Мицкоски дали Фетаи ја извршувал функцијата и дали примал плата додека не бил присутен, останаа без конкретен одговор.

ПО ДВА МЕСЕЦА БЕЗ ДА ОДИ НА РАБОТА Фетаи доби нова функција – Владата го испраќа во Брисел

CATEGORIES
Share This