ВОЈНА ВО ФУДБАЛОТ – УЕФА и ФИФА во конфликт по потегот на Инфантино да го продаде Мундијалот на приватни инвеститори

Планот на ФИФА за продажба на удели во Мундијалот на приватни инвеститори предизвика бунт – и Азија се спротивстави на потегот на првиот човек на светскиот фудбал.

ВОЈНА ВО ФУДБАЛОТ – УЕФА и ФИФА во конфликт по потегот на Инфантино да го продаде Мундијалот на приватни инвеститори
Фото: Принтскрин

Конфликтот меѓу ФИФА и континенталните фудбалски конфедерации добива нова димензија откако европските федерации, според британскиот „Тајмс“, едногласно ја поддржале можноста за бојкот на Светското првенство доколку Светската фудбалска организација продолжи со спорниот план за комерцијализација на турнирот.

Ставот бил изнесен на итен виртуелен состанок на членките на УЕФА, организиран по објавувањето на плановите на претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, за создавање нова комерцијална структура преку која би се управувале правата и приходите поврзани со Светското првенство.

Според медиумските информации, ФИФА разгледува можност за продажба на дел од сопственичките удели поврзани со најголемиот фудбалски настан во светот на приватни инвеститори. Потенцијалната вредност на проектот се проценува на околу 15 милијарди фунти, односно близу 20 милијарди долари.

Иако засега нема официјална одлука за бојкот, самото отворање на оваа опција претставува сериозен удар за раководството на ФИФА и најголем притисок врз Инфантино во неговиот мандат.

Азија со жестока реакција: „Неприфатливо е да се носат еднострани одлуки“

На страната на европските федерации застана и Азиската фудбалска конфедерација (АФК), чиј претседател шеикот Салман бин Ебрахим Ал-Калифа отворено го критикуваше предлогот на ФИФА. Во писмо испратено до 47-те членки на АФК, тој оцени дека планот за продажба на удели на приватни инвеститори е „целосно неприфатлив“ и предупреди дека таквиот потег може да ја наруши постојната структура на светскиот фудбал.

„АФК со голема загриженост и разочарување забележува дека ФИФА не се консултираше со нас на кое било ниво пред јавното објавување на овој предлог“, навел шеикот Салман.

Тој додал дека конфедерацијата не добила детална финансиска, правна или управувачка анализа за последиците од планот. Според него, едностраните одлуки можат да ги поткопаат основните принципи на континенталниот фудбал – солидарноста, соработката и транспарентноста.

ФИФА нуди милиони за поддршка на планот

Според информациите, Инфантино испратил писмо до сите 211 членки на ФИФА во кое предложил секоја федерација да добие 35,12 милиони евра доколку го поддржи проектот до 19 септември. Но, токму краткиот рок предизвикал дополнително незадоволство.

„АФК е изненадена што временскиот рок остава исклучително малку време за разгледување на толку важен предлог. Ваквите одлуки никогаш не треба да се носат набрзина“, навел шеикот Салман.

Тој ги повикал азиските федерации да не донесуваат одлука пред да завршат дополнителните разговори со ФИФА.

Стравувања од промена на традицијата на Светското првенство

Според „Фајненшл тајмс“, во планот на ФИФА е предвидено формирање нова компанија која би управувала со комерцијалните права на Светското првенство и други натпреварувања. Во подготовката на финансискиот модел, наводно била вклучена и американската банкарска групација „Џеј Пи Морган“. Моделот би овозможил членките на ФИФА да добијат одредени удели, додека светската организација би го задржала мнозинскиот пакет. Приватните инвеститори би можеле да купат помали удели вредни милијарди евра.

Критичарите предупредуваат дека ваков потег би можел да доведе до промени во форматот на Светското првенство, неговото проширување или дури промена на традиционалниот четиригодишен циклус. ФИФА официјално не ги потврди овие наводи, а Инфантино ги отфрли критиките и ги обвини противниците на планот за ширење „лажни гласини“.

Сепак, јасно е дека предлогот отвори едно од најголемите несогласувања меѓу ФИФА и континенталните федерации во последните години. Следниот период ќе покаже дали Инфантино ќе успее да ја обезбеди поддршката за својот проект или фудбалскиот свет се соочува со најголемиот раскол во својата историја.

CATEGORIES
Share This