МИЦКОСКИ СО НОВА НАЈАВА Еве кога ќе легнат заостанатите пари за земјоделците

Со ребалансот на Буџетот се планира да се затворат и заостанатите директни плаќања за 2025 година.

МИЦКОСКИ СО НОВА НАЈАВА Еве кога ќе легнат заостанатите пари за земјоделците
Фото: Принтскрин

Зголемената финансиска поддршка за земјоделството предвидена со ребалансот на Буџетот ќе овозможи исплата на заостанатите директни плаќања за земјоделците, информираше премиерот Христијан Мицкоски.

По увидот во тековните градежни активности на неколку инфраструктурни проекти во Делчево, одговарајќи на новинарски прашања, Мицкоски посочи дека Владата наследила неисплатени програми за директна финансиска поддршка на земјоделците, како и неисплатени плати во АД „Водостопанство“ и „Национални шуми“, долгови и празни акумулации.

Според него, со ребалансот на Буџетот се планира да се затворат и обврските за директните плаќања за 2025 година.

„Денес платите што заостануваа се исплатени, а со ребалансот планираме да ги завршиме директните плаќања од 2025 година. Ние исплаќавме заостанати плаќања од 2021, 2022, 2023 и 2024 година, а сега со средствата предвидени со ребалансот планираме да ја затвориме и 2025 година. Во меѓувреме, веќе започна и пријавувањето за субвенции за 2026 година“, изјави Мицкоски.

Премиерот се осврна и на проблемите во Агенцијата, посочувајќи дека институцијата се соочила со екстерен хакерски напад, но дека и тој предизвик се надминува.

„Очекувам системот од утре или задутре повторно да биде во функција, за да можеме да продолжиме и со реализацијата за 2026 година. Со други зборови, од двегодишни програми со кои заостанувавме, сега полека, но сигурно, го фаќаме редот и се враќаме во тек“, рече премиерот.

CATEGORIES
Share This