ДВА ПОЖАРИ ЗА ТРИ ЧАСА Струмичанец осомничен за подметнување оган на трактор и автомобил
Осомничениот бил лишен од слобода, а судот му определил 30-дневен притвор

СВР Струмица поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Струмица против 41-годишниот В.К. од Струмица, поради сомнение дека сторил кривични дела „предизвикување општа опасност“ и „тешки дела против општата сигурност“.
Според пријавата, на 25 јули околу 22 часот и на 26 јули околу 1 часот, осомничениот на две различни локации во Струмица подметнал пожари на трактор, сопственост на 70-годишен жител на градот, и на патничко возило „Киа“, сопственост на друг струмичанец.
Пожарите биле изгаснати по интервенцијата на Територијалната противпожарна единица Струмица, а во инцидентите нема повредени лица.
В.К. бил лишен од слобода и задржан во Полициската станица Струмица, а за случајот бил известен јавен обвинител од ОЈО Струмица.
Осомничениот бил изведен пред судија на претходна постапка во Основниот суд Струмица, кој му определил мерка притвор во траење од 30 дена.

