УШТЕ НЕ ПОЧНА ГРЕЈНАТА СЕЗОНА Веќе стигна ново поскапување
Изненадување за скопјани, парното поскапува пред почетокот на зимата

Граѓаните на Скопје ќе плаќаат поскапо централно греење уште пред почетокот на новата грејна сезона. Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) ги утврди новите цени на топлинската енергија за сите снабдувачи во главниот град, кои ќе почнат да се применуваат од 1 август.
Најголемо зголемување ќе имаат домаќинствата приклучени на системот на „ЕСМ Снабдување“. За нив цената на топлинската енергија се зголемува за 5,96 проценти.
Поскапување ќе има и кај останатите системи за централно греење. Корисниците на „ЕСМ Енергетика“, односно т.н. железарско парно, ќе плаќаат 5,18 проценти повисока цена, додека кај корисниците на „Скопје Север“ (ЕнергоЕколог) зголемувањето изнесува 3,65 проценти.
Според пресметките на РКЕ, за просечно домаќинство со станбена површина од 60 квадратни метри, месечната сметка за парно ќе биде повисока за околу 140 денари.
Од Регулаторната комисија посочуваат дека, и покрај зголемувањето, цената на топлинската енергија во Северна Македонија и понатаму е пониска во споредба со повеќе земји од регионот.


