63 ГОДИНИ ПО КАТАСТРОФАТА Скопје оживува низ стихови и фотографии

Скопје 63/63 носи поетска антологија и триесетина фотографии посветени на меморијата, архитектурата и промените на градот.

63 ГОДИНИ ПО КАТАСТРОФАТА Скопје оживува низ стихови и фотографии
Фото: Приватна архива

Проектот „Скопје 63/63″ претставува единствена средба на поезијата и фотографијата, посветена на 63-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје од 1963 година.

Поетската антологија, подготвена од проф. д-р Иван Џепароски, обединува избрани творби од македонски и странски автори посветени на Скопје и неговата меморија. Проектот е надополнет со фотографиите на Сашо Алушевски, кои преку визуелен јазик сведочат за архитектонското наследство што го преживеало земјотресот.

Фотографската изложба опфаќа триесетина фотографии и претставува лична авторска интерпретација на Скопје како простор во кој минатото и сегашноста постојано се преплетуваат. Низ фотографиите се отвораат асоцијации за времето, сеќавањата, насобраните конотации и симболите што со децении се таложеле околу градот и неговите објекти. Делата повикуваат на размислување за носталгијата, за променетите интерпретации и новите значења што архитектурата ги добива со текот на времето, но и за неизбежните промени што ги носи современиот урбан развој.

Посебно место во изложбата имаат фотографии кои се изработени со посебна техника така што под дејство на сончевата светлина со текот на времето постепено ќе исчезнат —метафора за Скопје кое полека се менува својот лик. На тој начин, изложбата не е само навраќање кон сеќавањето на земјотресот од 1963 година, туку и размислување за современото Скопје, неговите трансформации и постепеното исчезнување на делови од неговиот препознатлив урбан идентитет.

Настанот претставува спомен за минатото, но и потсетник за човечноста, солидарноста и колективната меморија на градот. Настанот е дел од програмата на 47мото Скопско лето кој ќе се одржи во вторник, 28 јули 2026 со почеток во 20:30ч  во Сули ан.

CATEGORIES
Share This