ПУКНА ТИКВАТА ВО УКРАИНСКИОТ ВРВ Зеленски откри зошто ги сменил Федоров и Сирски
Украинскиот претседател откри дека влошените односи меѓу двајцата високи функционери биле причина за нивното отстранување.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за „Скај њуз“ откри дека односите меѓу поранешниот министер за одбрана Михајло Федоров и началникот на вооружените сили Олександр Сирски се влошиле, поради што одлучил да ги отстрани од функциите, како што вели, „за доброто на нацијата“.
Федоров во Украина се смета за еден од луѓето заслужни за развојот на нови воени технологии и унапредувањето на производството на беспилотни летала со среден и долг дострел. Овие дронови се користат за напади врз руските линии за снабдување и рафинерии за нафта, вклучително и цели длабоко на територијата на Русија и на Крим, пренесува „Скај њуз“.
Во интервјуто Зеленски посочи дека негов приоритет остануваат односите со Соединетите Американски Држави, претседателот Доналд Трамп и другите сојузнички земји. Целта, според него, е да се обезбеди продолжување на финансиската и воената поддршка за Украина, како и одржување на санкциите против Русија.
„Воздушната одбрана останува наш приоритет, бидејќи Русија ја зголемува употребата на балистички ракети за напади врз големите градови. Само минатата недела видовме 40 вакви ракети истрелани кон Киев за само еден час. Немаме доволно ракети за воздушна одбрана и тоа е сериозен проблем“, изјави Зеленски.
Украинскиот претседател, исто така, изрази загриженост дека рускиот претседател Владимир Путин би можел да подготвува нова мобилизација на стотици илјади војници, кои би биле испратени на фронтот. Според Зеленски, таков потег би претставувал сериозна закана за Украина.
Тој повтори и дека верува оти Путин ќе престане со воените операции само доколку биде поразен.
„Она што се обидовме да го направиме е да им наметнеме воен предизвик на Русите и да ги натераме да почувствуваат дека војната е насекаде. Затоа ги започнавме операциите со ракети со среден и долг дострел, враќајќи ја војната таму од каде што дојде – во Русија“, рече Зеленски.
https://nacionalno.mk/zelenski-sprema-golema-smena-sirski-pred-otkaz-poznat-i-glavniot-favorit-za-negov-naslednik/


