КРАФТВЕРК ГО ОСВОИЈА СКОПЈЕ Електронските легенди приредија спектакл што долго ќе се памети
Германските пионери на електронската музика третпат настапија во македонската престолнина, а првпат на отворено, носејќи ги своите најголеми хитови и препознатливиот мултимедијален спектакл пред публиката на Стадионот на АРМ.

Германските пионери на електронската музика, „Крафтверк“, синоќа настапија на Стадионот на АРМ во Скопје, во рамките на фестивалот „Skopje Calling“ и нивната актуелна турнеја „Multimedia 2026“. За легендарниот состав ова беше трет концерт во македонската престолнина, но прв настап на отворена сцена.
Во организација на „Авалон продукција“, концертот претставуваше своевидно патување низ различните епохи од повеќедецениската кариера на бендот. Публиката имаше можност да ги слушне култните „Computer World“, „Autobahn“, „The Model“, „Tour de France“, „Trans-Europe Express“ и „The Robots“.
Препознатливиот звук на „Крафтверк“ беше надополнет со впечатливи визуелни ефекти, типографија, анимации и строго синхронизирани проекции, создавајќи мултимедијален спектакл во кој музиката и визуелниот идентитет функционираа како една целина.
Еден од највпечатливите моменти на концертот беше изведбата на „Radioactivity“, песна објавена пред повеќе од половина век, која преку механички гласови, Морзеови сигнали и референци на нуклеарни катастрофи носи јасна антинуклеарна порака.
Оригинално објавена во 1975 година, песната ја отсликува двојната перцепција на технологијата како извор на фасцинација, но и на сериозна загриженост. По несреќите во Три Мајл Ајленд и Чернобил, „Крафтверк“ ја преработија во 1991 година, вметнувајќи ги имињата Харисбург, Селафилд, Чернобил и Хирошима, како и директната порака „Stop Radioactivity“. По нуклеарната катастрофа во Фукушима, песната повторно претрпе адаптација, а дел од јапонската верзија остана присутен и во нивните концертни настапи.
„Крафтверк“ се формирани во Диселдорф во 1970 година и со својата авангардна визија оставија огромен печат врз развојот на електронската музика, електрото, техното и синт-попот. Нивното влијание се чувствува низ повеќе генерации музичари, а нивниот придонес во музиката е потврден и со бројни признанија.
Во 2014 година бендот ја доби наградата „Греми“ за животно дело, додека во 2021 година беа примени во Рокенрол куќата на славните, со што уште еднаш беше потврдено нивното место меѓу најзначајните музички имиња на модерната ера.


