ДАЛИ Е 10 ЌЕБАПИ ИЛИ 10.000 ДЕНАРИ Законот мора да важи за сите

Во првите шест месеци од годинава биле извршени 2.006 контроли низ земјава, а граѓаните поднеле повеќе од 1.200 пријави за неправилности.

ДАЛИ Е 10 ЌЕБАПИ ИЛИ 10.000 ДЕНАРИ Законот мора да важи за сите
Фото: Принтскрин

Неиздавањето фискални сметки повторно ја отвори дебатата за даночната дисциплина и сивата економија. Граѓаните преку социјалните мрежи реагираат дека оваа практика не е присутна само во угостителството, туку и во други дејности каде што, како што посочуваат, дел од продавачите и давателите на услуги не го евидентираат остварениот промет.

Според реакциите на граѓаните, неиздавањето фискални сметки создава нееднакви услови на пазарот и ги става во понеповолна положба компаниите кои редовно ги исполнуваат своите обврски кон државата. Тие бараат почести и поефикасни контроли, но и поголема одговорност од самите граѓани, кои треба да бараат фискална сметка и да ги пријавуваат неправилностите.

Од Управата за јавни приходи информираат дека контролите за фискализација продолжуваат во целата држава. Во периодот од 1 јануари до 30 јуни 2026 година биле извршени вкупно 2.006 контроли кај даночни обврзници. Најмногу контроли биле спроведени во трговски објекти – 934, потоа во угостителски објекти 692, кај услужни дејности 365, а 15 контроли биле извршени кај субјекти кои вршат дејност поврзана со игри на среќа.

При контролите биле утврдени неправилности за кои УЈП изрекла 751 санкција, додека во 53 случаи била изречена мерка за привремена забрана за вршење дејност, односно затворање на субјектите. Во истиот период, граѓаните до УЈП доставиле 1.233 пријави за неправилности. Од нив, 1.023 биле поднесени преку електронска пошта, а 210 преку телефонската линија.

Најголем број контроли биле извршени во Скопје – 258, при што во 132 случаи биле утврдени неправилности. Во Битола биле спроведени 222 контроли и биле констатирани 49 неправилности. Следуваат Охрид со 157 контроли и 32 неправилности и Струга со 80 контроли и 26 неправилности. Контроли биле спроведени и во повеќе општини во Источниот Регион, меѓу кои Кочани, Делчево, Штип и Струмица.

Граѓаните потсетуваат дека не е важно дали станува збор за 10 ќебапи или за поголема сума, законот треба да важи за сите а фискалната сметка не е само доказ за извршената купопродажба, туку и начин за контрола на прометот и обезбедување приходи во буџетот, од кои се финансираат јавните услуги.

Од друга страна, дел од реакциите ја нагласуваат и недовербата кон институциите и потребата од поголема транспарентност и одговорност при трошењето на јавните средства. Сепак, според дел од граѓаните, недовербата во системот не треба да биде оправдување за непочитување на законските обврски.

Од УЈП апелираат граѓаните да ги пријавуваат случаите на неиздавање фискални сметки преку достапните електронски канали и телефонската линија. Контролите, како што информираат од институцијата, ќе продолжат и во наредниот период со цел сузбивање на сивата економија и унапредување на даночната дисциплина.

CATEGORIES
Share This