ВНИМАНИЕ ВОЗАЧИ Нови забрани и посебен режим на патиштата – еве каде треба да бидете особено внимателни

АМСМ предупредува на можни одрони на неколку критични патни правци

ВНИМАНИЕ ВОЗАЧИ Нови забрани и посебен режим на патиштата – еве каде треба да бидете особено внимателни
Фото: Национал

Сообраќајот на државните патишта во земјава се одвива непречено, но на одделни делници коловозите се влажни. Од АМСМ апелираат до возачите да ја прилагодат брзината на движење, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и внимателно да управуваат со возилата.

Зголемен е интензитетот на сообраќајот на патните правци надвор од градските средини. На граничните премини од македонска страна, во моментов нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Посебно внимание се препорачува при движење низ котлините, речните долини и клисурите, каде постои можност за појава на одрони. Возачите треба да бидат особено внимателни на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Од 15 април, патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк „Галичица“ е отворен за сообраќај за сите видови возила со вкупна маса до 3,5 тони.

Летни забрани за тешки товарни возила

Од 1 јули до 31 август важи летен режим на сообраќај, со кој се ограничува движењето на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони на државните патишта за време на викендите и при екстремно високи температури.

Забраната важи: петок: од 17:00 до 22:00 часот; сабота: од 09:00 до 18:00 часот и недела: од 09:00 до 22:00 часот.

При екстремно високи температури, определени од Министерството за здравство, забраната од понеделник до четврток ќе важи во периодот од 11:00 до 17:00 часот.

Ограничувањето не се однесува на возила што превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури, леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, опасни материјали, како и возила ангажирани за реализација на проекти на државните патишта врз основа на договори со ЈП за Државни патишта.

Посебен режим на А2 кон Охрид

На магистралниот пат А2, на делницата Скопје – Охрид – Скопје, до 1 септември е забрането движењето на тешки товарни возила со вкупна маса над 7,5 тони за време на викендите.

Режимот важи во следните термини: петок: од 15:00 до 22:00 часот; сабота: од 07:00 до 12:00 и од 18:00 до 24:00 часот и недела: од 07:00 до 22:00 часот.

Посебниот режим е воведен со цел да се намалат сообраќајните застои кон Охрид, да се избегнат поголеми гужви на наплатните станици и да се овозможи побрз проток на возила во текот на летната туристичка сезона.

Од забраната се изземени возила кои превезуваат живи животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока.

РАБОТИ НА ПАТИШТАТА

На повеќе патни правци во земјава се изведуваат градежни активности и санации, поради што се воспоставени времени режими на сообраќај.

  • На Р1204 во Штип, од 6 јули 2026 година, има времена измена на сообраќајот поради санација на мостот на реката Брегалница. Режимот ќе важи до завршување на работите.
  • На А2, делницата Гостивар – Стража, се врши санација на мостот бр. 4 – Вијадукт на Атанасова Река и мостот бр. 7 – Вијадукт на Дол. Поради градежните активности воспоставен е времен режим на сообраќај кој ќе трае до завршување на санацијата.
  • На А2 кај село Желино, во двата правци – Скопје–Желино и Желино–Скопје – се изведуваат активности за санација на мостовите на реката Вардар, поради што важи времен режим на сообраќај.
  • На А1, автопатот „Пријателство“, на делницата Смоквица–Гевгелија, се изведуваат активности за премин на интерконективен гасовод под автопатот. На делницата е поставена соодветна сигнализација за времен режим на сообраќај.
  • На А2, скопската обиколница, се врши рехабилитација на делница во должина од околу 250 метри, од клучката Волково до клучката Кондово. Затворена е левата лента за претекнување, а сообраќајот се одвива по средната лента и лентата за принудно запирање.
  • На Р1202, делницата Косоврасти–Мелнички Мост, во тек е санација на свлечиште, поради што е воспоставен времен режим на сообраќај до завршување на работите.
  • На патниот правец Прилеп–Битола, како дел од активностите поврзани со изградбата на Коридор 10Д, важи времен режим на сообраќај. Движењето на возилата е пренасочено по регионалниот пат Прилеп–Битола, на делницата од клучката Лагово до Тополчани.

АМСМ апелира до сите учесници во сообраќајот да возат внимателно, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и да ја прилагодат брзината според условите на патот.

CATEGORIES
Share This