ЕСКАЛАЦИЈА НА БЛИСКИОТ ИСТОК Иранците тврдат дека уништиле американска опрема во две земји
Според Техеран, мета биле американски бази во Кувајт и Бахреин, а во нападите биле користени ракети и беспилотни летала.

Иранската војска и Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) соопштија дека извршиле ракетни и дрон-напади врз американски воени позиции во Кувајт и Бахреин. Од Вашингтон, пак, било потврдено дека околу десет американски воени лица се повредени од 7 јули.
Според иранската новинска агенција „Мехр“, нападите биле изведени во рамките на операциите „Молња“ и „Наср 2“. Техеран тврди дека мети биле американски системи за воздушна одбрана „Патриот“, радари со долг дострел, комуникациски центри и објекти поврзани со беспилотни летала.
ИРГЦ наведува дека биле нападнати американските бази Ал-Мухарак и Ал-Рифа во Бахреин, како и Ахмед Ал-Џабер, Али Ал-Салем и Арифџан во Кувајт. Според нивните тврдења, погодени биле системи за воздушна одбрана и радари, меѓу кои и FPS-117, како и хангари со беспилотни летала MQ-9. Иранската војска дополнително соопшти дека биле погодени и мобилни ракетни системи HIMARS распоредени во базата Арифџан во Кувајт. Овие тврдења, сепак, засега не се независно потврдени.
Според иранските медиуми, портпарол на Пентагон потврдил дека околу десет припадници на американските вооружени сили биле повредени од 7 јули. Во меѓувреме, американските власти издале глобално безбедносно предупредување до своите граѓани поради зголемените тензии во регионот. Американската Централна команда (CENTCOM) соопшти дека завршила уште една рунда напади врз Иран.
ИРГЦ, во одделно соопштение, наведе дека два танкери за нафта се запалиле по експлозии додека се обидувале да поминат низ јужниот дел на Ормутскиот теснец. Според иранската страна, спасувачките екипи работат на евакуација на екипажите, додека бродските компании биле предупредени да избегнуваат одредени маршрути низ теснецот.
Техеран повтори дека Хормутскиот теснец ќе остане затворен сè додека продолжат американските активности во регионот. Теснецот, кој се наоѓа меѓу Иран и Оман, претставува еден од најзначајните светски поморски коридори за транспорт на енергенси. Пред избувнувањето на конфликтот, низ него се одвивале приближно една петтина од глобалните испораки на нафта и гас.
Тврдењата на иранската страна за степенот на причинетата штета и наводното уништување на американската воена опрема засега не се независно потврдени.
ИРАН УДРИ ВО СРЦЕТО НА АМЕРИКАНСКАТА МОЌ Нови напади врз американски бази во Кувајт


