ШОК ВО ИНДУСТРИЈАТА ЗА ДОСТАВА Uber ја купува компанијата што го поседува Glovo за 15 милијарди долари
Американскиот гигант понуди 14,8 милијарди долари за германската Delivery Hero, која е сопственик на популарната платформа Glovo

Американскиот технолошки гигант Uber понуди околу 14,8 милијарди долари за преземање на германската компанија за достава на храна Delivery Hero, сопственик на платформата Glovo. Со оваа аквизиција, Uber сака значително да го зајакне својот бизнис со достава и да ја прошири позицијата на глобалниот пазар.
Понудата изнесува 41,50 евра по акција, а Управниот и Надзорниот одбор на Delivery Hero веќе ја одобриле трансакцијата. Завршувањето на договорот се очекува во втората половина на следната година, но ќе зависи од добивањето на потребните регулаторни дозволи.
Како дел од договорот, Uber се обврзал да инвестира две милијарди долари во Германија до 2031 година, како и да го задржи седиштето на Delivery Hero во Берлин и најголем дел од работните места најмалку до 2029 година.
Со спојувањето би се формирала една од најголемите светски платформи за достава на храна, со присуство на 99 пазари и проценета вредност на доставената стока од околу 236 милијарди долари во 2025 година.
Аквизицијата би му овозможила на Uber Eats значително проширување во Европа, Блискиот Исток, Азија и Латинска Америка. Сепак, аналитичарите очекуваат регулаторите детално да го разгледаат договорот поради можните влијанија врз конкуренцијата.
Delivery Hero е основана во Берлин во 2011 година и со серија преземања се изгради во една од најголемите компании за достава на храна во светот. Uber, пак, во последните години засилено инвестира во нови преземања со цел да го продолжи растот на својот бизнис по забавувањето на побарувачката по пандемијата.


