ДРЖАВАТА ДЕЛИ ДО 250.000 ДЕНАРИ Еве кои фирми можат да добијат грант за нови вработувања
Преку Оперативниот план за вработување 2026 ќе се поддржи ангажирање на 1.385 лица, а компаниите ќе можат да добијат од 160.000 до 250.000 денари по новоотворено работно место.

ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека отворањето нови работни места, намалувањето на невработеноста, подобрувањето на животниот стандард и создавањето подобра бизнис-клима остануваат меѓу клучните државни приоритети.
Од партијата наведуваат дека Владата во изминатите две години спроведува политики насочени кон економски развој и поддршка на стопанството, при што како еден од актуелните чекори го посочуваат јавниот повик „Поддршка за креирање на нови работни места“ во рамки на Оперативниот план за вработување 2026.
Според соопштението, преку мерката „Вработување и раст на правни субјекти“ ќе бидат поддржани микро, мали и средни претпријатија за вработување на вкупно 1.385 лица. За секое новоотворено работно место се предвидени неповратни средства во износ од 160.000 до 250.000 денари, а вкупниот буџет изнесува 332.650.000 денари, односно околу 5,4 милиони евра.
Од ВМРО-ДПМНЕ појаснуваат дека, за разлика од првиот повик за самовработување кој бил наменет за лица што сакаат да започнат сопствен бизнис, овој повик е насочен кон компании кои планираат да го прошират своето работење преку отворање нови работни места. Работодавачите ќе можат да добијат грант за вработување на најмногу пет лица.
Висината на финансиската поддршка зависи од категоријата на лицето што ќе биде вработено. За млади до 29 години се предвидени 250.000 денари по лице, за корисници на гарантирана минимална помош, Роми, лица со попреченост, жени, долгорочно невработени лица и жени Ромки со завршено средно или високо образование грантот изнесува 220.000 денари, додека за невработени лица постари од 29 години се обезбедуваат 160.000 денари.
Во мерката се опфатени и македонските повратници, при што за секое вработено лице повратник работодавачот ќе добие дополнителни 10 проценти од одобрениот износ, во зависност од категоријата на лицето.
Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека со овие мерки се создаваат еднакви можности за професионален развој на граѓаните и се обезбедуваат услови за понатамошен раст на домашната економија и развој на бизнис-секторот.


