СКАНДАЛ НА ПРАВНИОТ ФАКУЛТЕТ – Отворено писмо до македонската јавност
Пензионираниот виш државен просветен инспектор Ѓорги Илиевски обвинува за професорско самоволие и институционален молк, барајќи итна реакција за заштита на правата на вонредните студенти на Правниот факултет „Јустинијан Први“.

Пензионираниот виш државен просветен инспектор Ѓорги Илиевски, во отворено писмо до македонската јавност, алармира за незаконски услови за полагање испити и дискриминација на вонредните студенти на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, обвинувајќи ги надлежните институции за молк и барајќи итен инспекциски надзор, се вели во писмото што го пренесуваме во целост.
До: Министерството за образование и наука (МОН)
До: Државниот просветен инспекторат (ДПИ)
До: Деканот на Правниот Факултет – ‘‘Јустинијан Први‘‘ Скопје
До: Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД)
Институционален молк пред правното насилство врз студенти од ‘‘Јустинијан Први‘‘!?
Почитувани граѓани, почитувани медиуми
Како човек кој целиот свој работен век го помина во борба за владеење на правото и законитоста во високото образование, не можам да молчам пред најновиот класичен пример за професорско ˮсамоволиеˮ и институционален ˮкукавичлукˮ кој во моментов се случува на конкретно на Правниот факултет ‘‘Јустинијан Први‘‘ Скопје.
Веќе подолго време, група вонредни студенти на Првиот циклус студии се жалат дека се жртви на целосна уцена од страна на Катедрата на Меѓународното приватно право (МПП).
Имено, спротивно на сите законски прописи, од вонредни студенти кои се бара задолжително присуство од 51% на настава и полагање на некакви ‘‘влезни колоквиуми‘‘ Извор:ukim.edu.mk/за воопшто да им се дозволи да излезат на завршен испит.
Како поранешен виш просветен инспектор пред македонската јавност најодговорно ги презентирам следните јавни факти:
Прво, директно кршење на законот и правилникот: Официјалниот правилник за оценување и полагање Извор:ukim.edu.mk на самиот Правен факултет децидно пропишува дека оценувањето на вонредните студенти се остварува само преку завршно оценување со писмен или усмен испит.
Вонредните студенти се лица кои најчесто се во работен однос, па наметнувањето обврска за редовност на предавања е буртално укинување на нивниот законски статус.
Второ, манипулацијата со акредитацијата: оправдувањето дека овие услови стојат во некаков ‘‘елаборат за акредитација на предметот‘‘ е правно неодржливо. Како инспектор потсетувам: акт со пониска правна сила не смее да дерогира или суспендира акти со висока правна сила како што се Правилникот и Статутот на УКИМ. Како е можно Одборот за акредитација на високото образование да дозволи во силабусот за студиската програма да се воведе таков услов и да се изврши изедначување на статусот на редовни и вонредни студенти?
Трето, институционален соучеснички молк: студентите во октомври 2026 поднесоа официјална Иницијатива за мирно решавање на спорот до деканот Правниот факултет. Наместо итна реакција, соочени сме со тотален и свесен молк од надлежните органи, со цел да помине испитниот рок и револтот да стивне.
Додека Министерството за образование и наука зборува за европски стандарди, а младите масовно ни бегаат од државата токму поради неправда и системско самоволие на факултетот каде што треба да се учи за владеење на правото – правото се гази од позиција на моќ.
Јавно ги повикувам:
- Државниот просветен инспекторат: веднаш да покрене вонреден инспекциски надзор на Правниот факултет во Скопје и да го прекине ова педагошко насилие врз студентите пред дипломирање. Инспекторатот да го провери Распоредот за работни задачи кој согласно ЗВО потребно е да биде објавен и на веб страницата на факултетот и во кој потребено е да биде наведен и периодот кога ќе се одржуваат овие часови за вонредните студенти. Статусот вонреден студент не се добива лесно, тој се докажува со М1иМ2, доказ за болест итн. Со оваа одлука, оваа катедра загрозува основни човекови права и ги дискриминира вонредните студенти согласно нивниот статус да остваруваат право да полагаат испити, преку предвидување на дополнителни услови!
- Министерството за образование и наука: да излезе од комфорната зона на институционална ненадлежност и да покаже дали државата е посилна од приватните правила на поединечни катедри.
- Комисија за спречување и заштита од дискриминација: да ги провери овие наводи и да се утврди дали вонредните студенти преку определување на дополнителни услови кои не коренспондираат со нивниот статус утврден со закон се спречени да остварат право да полагаат испити.
Нема да дозволиме суети и измислени филтри да ја уништуваат иднината на нашите млади. Борбата за правда во образованието мора да почне токму каде што правото се предава!
Со Почит.

