БЕЗБЕДЕН ГРАД ПРИСТИГНА ВО ОХРИДСКО Поставени камери за надзор на автопатот кај Ново Село

Камерите се поставени, но санкции сè уште нема, системот е во фаза на финални тестирања.

БЕЗБЕДЕН ГРАД ПРИСТИГНА ВО ОХРИДСКО Поставени камери за надзор на автопатот кај Ново Село
Фото: Принтскрин

Современиот систем за сообраќаен надзор „Безбеден град“ (Safe City) започнува со примена и на подрачјето на СВР Охрид. Од полицијата информираат дека по успешно завршеното финално тестирање, активирани се безбедносни камери на автопатската делница кај Ново Село во општина Дебрца.

Во следниот период се очекува системот да биде поставен и ставен во функција на патниот правец меѓу селата Горенци и Требеништа, како и на други фреквентни сообраќајници и делници од коридорите 8 и 10 кои се под надлежност на СВР Охрид.

Од полицијата појаснуваат дека камерите се инсталирани, но сè уште не се активирани за изрекување санкции, бидејќи трае завршната фаза на технички проверки и тестирања.

Целта на системот „Безбеден град“ е да овозможи континуиран сообраќаен надзор, откривање прекршоци, намалување на бројот на сообраќајни незгоди и подобрување на безбедноста и дисциплината на патиштата.

Од СВР Охрид апелираат до возачите да ги почитуваат сообраќајните правила, особено ограничувањето на брзината на автопатската делница кај Ново Село, каде максимално дозволената брзина изнесува 100 километри на час.

CATEGORIES
TAGS
Share This