ТРИ ВЕЧЕРИ, ЧЕТИРИ СПЕКТАКЛИ „Скопско лето“ подготви програма што ќе го освои градот
Концерти, театар и фолклорни настапи ќе се одржат на повеќе локации, а дел од програмата е со слободен влез.

Фестивалот „Скопско лето“ и овој викенд нуди разновидна културна програма, со концерти, театарска претстава и фолклорен спектакл на повеќе локации низ главниот град.
Во сабота, 27 јуни, љубителите на хорската музика ќе имаат можност да го проследат концертот „Блесоглас“, кој ќе започне во 20:30 часот во Сули ан. На сцената ќе настапат Градскиот мешан хор „Балтепе“ од Тетово и Градскиот мешан хор „Вардар“ од Скопје, под диригентство на Јасмина Ѓорѓеска – Каро. Програмата обединува дела од македонската и светската хорска литература, а специјален гостин ќе биде гитаристот Стефан Волчевски. Билетите се достапни преку karti.com.mk.
Во истиот термин, 20:30 часот, во Музејот на македонската борба ќе се одржи пијано рецитал на бугарскиот пијанист Галин Ганчев. Концертната програма носи музичко патување низ повеќе стилски епохи – од Баховиот „Италијански концерт“, преку делата на Моцарт, Брамс и Штраус, до виртуозната фантазија „Исламеј“ од Балакирев. Влезот за рециталот е слободен.
Саботната вечер ќе понуди и театарска програма. На сцената на Албанскиот театар, исто така од 20:30 часот, ќе биде изведена претставата „Првиот Господин“, инспирирана од мотивите на Бранислав Нушиќ, во режија на Фатос Бериша. Станува збор за сатирична комедија која низ хумор ги отвора прашањата за моќта, парите и човечките односи. Билетите се достапни на билетарницата на Албанскиот театар.
Во недела, 28 јуни, програмата продолжува на отворената сцена „Кеј 13 Ноември“, кај споменикот на Гемиџиите, каде од 20:30 часот ќе се одржи концертот „Градски приказни“ во изведба на КУД „Илинден“ од Битола.
Годишниот концерт на ансамблот оваа година е посветен на богатата македонска градска традиција. Преку настапите на чалгискиот оркестар, автентичните танци, традиционалните обичаи и раскошните носии, публиката ќе има можност да доживее сценска приказна која го оживува духот на старите македонски градови. Влезот е слободен.
СПЕКТАКЛ ВО СКОПЈЕ „Скопско лето“ започна со патување низ 75 години историја и векови музика


