ГЕОРГИЕВСКИ СО ЖЕСТОКА ПОРАКА ДО МАКЕДОНЦИТЕ Престанете да јадете трици против Бугарите
Георгиевски ја отвори темата за историските наративи, антибугарската реторика и, како што вели, зголеменото српско влијание.

Поранешниот премиер Љубчо Георгиевски ја критикуваше актуелната политичка и општествена атмосфера во Македонија, посочувајќи на, како што оцени, погрешниот пристап кон историјата и односите со соседните држави.
Во своето последно обраќање, Георгиевски се осврна на долгогодишната антибугарска реторика во земјата, тврдејќи дека таа е присутна уште од периодот по 1945 година. Според него, низ децениите бил граден негативен однос кон Бугарија, без доволно согледување на историските околности и различните политички моменти.
„Откога памтам за себе, ние не сме престанале да јадеме трици против Бугарија. Но, ако се погледне историски, од 1945 година па наваму, има периоди кога Бугарија правела чекори кои не биле препознаени“, посочи Георгиевски.
Тој упати критики и кон оние кои денес го изразуваат патриотизмот преку остар однос кон соседите, нагласувајќи дека, според него, вистинскиот патриотизам не се мери со конфликти и вербални пресметки.
„Не е македонски патриотизам да се правиш силен пред Бугарија, Албанија или Грција“, порача поранешниот премиер.
Како главна опасност во актуелниот момент Георгиевски го посочи, како што го нарече, зголеменото српско влијание во Македонија. Тој оцени дека вистинскиот критериум за патриотизам треба да биде односот кон, според него, политичките влијанија од Србија.
„Патриотизмот во Македонија има една мерка, колку си подготвен да се спротивставиш на српската политика. Денес гледаме многу малку отпор, додека процесот на србизација, според мене, се одвива без доволно реакција“, изјави Георгиевски.


