ЕВРОПСКИТЕ ГИГАНТИ НА УДАР Дали ќе падне нова сензација на Светското првенство?

Португалија го брка првиот триумф, Англија сака потврда, а Хрватска мора да реагира по лошиот старт.

ЕВРОПСКИТЕ ГИГАНТИ НА УДАР Дали ќе падне нова сензација на Светското првенство?
Фото: Принтскрин

Вторникот и раното утро во среда носат интересна фудбалска програма на Светското првенство, со неколку пресметки во кои европските фаворити ќе се соочат со репрезентации кои сакаат да направат изненадување.

На терен ќе излезат Португалија, Англија и Хрватска, а единствениот дуел без европски претставник ќе биде јужноамериканската пресметка меѓу Колумбија и ДР Конго.

Португалија – Узбекистан (вторник, 19:00 часот)

Португалија влегува во дуелот со Узбекистан со јасна цел,  победа и враќање на самодовербата по неочекуваното реми со ДР Конго. Европскиот фаворит не сака ново изненадување и ќе бара сигурен триумф против дебитантот на Мундијалот. Узбекистан, пак, ќе се обиде да ја продолжи својата историска приказна со уште еден храбар настап, иако на хартија е голем аутсајдер. Во центарот на вниманието повторно ќе биде Кристијано Роналдо, кој сè уште го чека својот прв гол на ова Светско првенство. Дуелот ќе се одигра на стадионот NRG во Хјустон, Тексас.

Англија – Гана (вторник, 22:00 часот)

Англиската репрезентација има можност со нова победа да обезбеди пласман во следната фаза. По успешниот старт против Хрватска, „Гордиот Албион“ сака да продолжи во ист ритам. Гана, сепак, е тим кој знае да создаде проблеми на големите натпреварувања и ќе бара шанса за изненадување против еден од фаворитите. Хари Кејн и соиграчите ќе се обидат уште еднаш да покажат зошто Англија е меѓу кандидатите за висок пласман. Натпреварот се игра во Фоксборо, Масачусетс.

Панама – Хрватска (среда, 01:00 часот)

По разочарувачкиот старт, Хрватска е под притисок да одговори. Репрезентацијата на Златко Далиќ мора да слави против Панама доколку сака мирна завршница во групната фаза и продолжување на успешната мундијалска традиција. Очекувањата се дека ќе има промени во составот, бидејќи селекторот има повеќе опции за освежување на тимот. Хрватите, кои на последните две Светски првенства освоија сребро и бронза, ќе бараат враќање на победничкиот пат на стадионот BMO Field во Торонто.

Колумбија – ДР Конго (среда, 04:00 часот)

Единствениот меч без европски учесник ќе биде дуелот меѓу Колумбија и ДР Конго. Африканската селекција веќе покажа дека може да се носи со најсилните, откако успеа да освои бод против Португалија, па Колумбија ќе мора сериозно да пристапи кон натпреварот. ДР Конго се надева дека може да продолжи со позитивните изненадувања, додека Колумбија ќе атакува на важна победа во борбата за следната фаза. Средбата ќе се одигра на стадионот „Естадио Акрон“ во Запопан, Мексико.

CATEGORIES
Share This