ТРАМП СЛАВИ НАПРЕДОК СО ТЕХЕРАН Иран веднаш возврати со демант

Трамп тврди дека Техеран прифатил засилен меѓународен надзор и ограничено користење на ослободените средства, додека иранските власти ги негираат наводите за постигнат договор.

ТРАМП СЛАВИ НАПРЕДОК СО ТЕХЕРАН Иран веднаш возврати со демант
Фото: Принтскрин

Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека Иран се согласил на „највисоко ниво на нуклеарни инспекции во иднина“, оценувајќи дека е постигнат значителен напредок во разговорите меѓу двете страни.

Во објава на социјалната мрежа Truth Social, Трамп наведе дека договорот треба да обезбеди „нуклеарна транспарентност“ и дека иранските власти направиле значајни отстапки.

Според него, токму напредокот во преговорите бил причина да се задржи отворен Хормутскиот теснец, при што нагласи дека САД ќе ја задржат можноста повторно да воведат ограничувања доколку тоа биде потребно.

Трамп додаде дека средствата кои ќе бидат ослободени од американското Министерство за финансии ќе бидат префрлени на посебна ескроу сметка, управувана од трета страна. Тој појасни дека парите ќе можат да се користат исклучиво за набавка на храна и медицински материјали за Иран, под услови договорени однапред.

Американскиот претседател оцени дека станува збор за хуманитарна мерка насочена кон обезбедување основни животни потреби за иранското население.

Тој истакна и дека разговорите меѓу двете земји „напредуваат добро“, додавајќи дека низ Хормутскиот теснец вчера биле транспортирани 19 милиони барели нафта.

„Цените на нафтата паѓаат, а светот сега е многу побезбедно место“, изјави Трамп.

Од друга страна, портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багеи, ги демантираше наводите за средба со генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, како и тврдењата дека е постигнат договор за инспекции на иранските нуклеарни постројки погодени од неодамнешните напади.

Техеран засега не потврдува дека е постигнат каков било договор поврзан со меѓународен надзор на нуклеарните објекти.

CATEGORIES
TAGS
Share This