ЖАЛНО Е ШТО СТИГНАВМЕ ДО ТУКА Мицкоски со остра порака за состојбата во образованието

Премиерот вели дека учебниците за новата учебна година се доставуваат навреме, но оцени дека образовниот систем сè уште ги чувствува последиците од претходното владеење.

ЖАЛНО Е ШТО СТИГНАВМЕ ДО ТУКА Мицкоски со остра порака за состојбата во образованието
Фото: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека учебниците за новата учебна година се доставуваат навреме и оцени дека Владата работи на системско решавање на проблемите во образованието.

При посетата на основното училиште „Љубен Лапе“ во општина Аеродром, Мицкоски рече дека навремената дистрибуција на учебниците треба да биде стандард, а не причина за задоволство.

„Ако пред десетина или петнаесет години зборувавме за компјутер за секое дете, денес се радуваме ако учебниците ги доставиме на време за учениците да можат да ги користат. Работиме приоритет по приоритет за да ги вратиме работите во нормала“, изјави премиерот.

Тој посочи дека е свесен оти дел од граѓаните очекуваат побрзи резултати, но нагласи дека Владата останува фокусирана на реализација на своите цели и приоритети.

„Важно е да покажеме дека даваме максимум за работите да се доведат таму каде што им е местото. Еден од тие процеси е системското решавање на снабдувањето на учениците со учебници“, рече Мицкоски.

Премиерот упати критики кон претходната власт, оценувајќи дека оставила сериозни проблеми во повеќе области, и додаде дека актуелната Влада има обврска да спречи нивно повторување во иднина.

CATEGORIES
Share This