ЗАПОЧНУВААТ ПРЕГОВОРИ ПОМЕЃУ РУСИЈА И УКРАИНА Трамп очекува можен компромис за териториите и мировен договор
Американските преговарачи сметаат дека Владимир Путин и Володимир Зеленски би можеле да направат компромис за спорното територијално прашање.

Руски и украински претставници денеска започнуваат дводневни преговори во Абу Даби, со посредство на САД. Станува збор за први директни контакти меѓу двете земји од февруари годинава.
Американските преговарачи сметаат дека Владимир Путин и Володимир Зеленски би можеле да направат компромис за спорното територијално прашање. Сепак, Москва и натаму бара Украина да го предаде целиот регион Донбас, додека Киев категорично одбива да отстапи територија.
На разговорите присуствуваат и претставници на Франција, Германија и Европската комисија, но без директно учество во преговорите, по противењето на Русија. Украинската делегација најави дека одделно ќе ги информира европските сојузници за текот на разговорите.
Руската делегација повторно ја предводи Владимир Медински, а меѓу членовите се и заменик-министерот за надворешни работи Сергеј Рјабков и претставници на Генералштабот на руската армија.
Американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела изрази оптимизам дека наскоро може да се постигне мировен договор, кој би вклучувал безбедносни гаранции за Украина и можност за нејзино членство во Европската Унија.
Украински официјални претставници, сепак, негираат дека Киев разгледува територијални отстапки. Зеленски порача дека прашањето за територијата може да се решава единствено на ниво на претседатели и во рамки на соодветни безбедносни гаранции.

