ПО ЕДНА ГОДИНА ПРИТВОР Екс директорот на Онкологија ќе се брани од слобода
Гаранцијата за двајцата обвинети надминува половина милион евра, обезбедена преку недвижен имот.

Поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев, по една година помината во притвор, ќе се брани од слобода откако Кривичниот суд прифати гаранција обезбедена со хипотека на недвижен имот.
Според соопштението од Судот, на Васев му е одобрена гаранција во вредност од 183.981 евро во корист на државата, додека на поранешниот економски директор на Клиниката, Артан Нухи, му е определена гаранција од 348.049 евра, исто така обезбедена со ставање под хипотека на недвижен имот.
Покрај гаранцијата, на двајцата обвинети им се изречени и мерки на претпазливост. Тие нема да смеат да го напуштаат подрачјето на Скопје, имаат обврска еднаш месечно да се јавуваат во Судот, а привремено им се одземени патните исправи и им е забрането издавање нови документи за патување.
Од Кривичниот суд посочуваат дека при носењето на одлуката било земено предвид позитивното мислење на Јавното обвинителство, како и фактот дека притворот, согласно законските рокови, можел да трае најдоцна до 18 јули 2026 година.
Бидејќи Обвинителството се откажало од правото на жалба, а понудените хипотеки веќе биле впишани во Катастарот, решенијата станале правосилни, по што двајцата обвинети биле ослободени од притвор.
Васев и Нухи се обвинети во предметот „Онкологија“, кој се однесува на финансиското работење на Клиниката за онкологија во периодот од 2018 до 2022 година. Според обвинението, тие се товарат за продолжени кривични дела злоупотреба на службената положба и овластување, измама во службата и проневера во службата.
СУДОТ ГО ОДОБРИ ОБВИНЕНИЕТО ЗА ЗЛОУПОТРЕБИ НА ОНКОЛОГИЈА – штета од речиси 36 милиони евра


