ЕУ ИЛИ РАЗОЧАРУВАЊЕ Анкетата открива што навистина сакаат Македонците

Повеќе од 60 проценти од испитаниците во Македонија се за влез во Унијата, додека највисока поддршка во регионот има Албанија со 92 проценти.

ЕУ ИЛИ РАЗОЧАРУВАЊЕ Анкетата открива што навистина сакаат Македонците
Фото: Национал

И покрај долгогодишните блокади, политички условувања и разочарувања од бавниот пристапен процес, повеќе од 60 проценти од граѓаните на Македонија и понатаму го поддржуваат членството на земјата во Европската Унија.

Ова го покажува најновото истражување на Европската комисија за ставовите на граѓаните кон проширувањето на ЕУ во земјите од Западен Балкан, Источното соседство и Турција.

Според наодите, поддршката за пристапување кон Унијата останува висока во повеќето земји кандидати и потенцијални кандидати. Граѓаните најчесто ги поврзуваат поблиските односи со ЕУ со поголема безбедност, подобри економски можности и посигурна иднина за младите.

Најголема поддршка за членство е забележана во Албанија, каде 92 проценти од испитаниците се изјасниле позитивно, додека на второто место е Косово со 83 проценти.

Повеќе од 60 проценти поддршка е регистрирана и во Македонија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Од друга страна, најнизок процент има Србија, каде само 31 процент од анкетираните го поддржуваат влезот во Европската Унија.

Истражувањето покажува и значителен раст на оптимизмот во Црна Гора. Дури 62 проценти од испитаниците веруваат дека земјата ќе стане членка на ЕУ во следните пет години, наспроти 39 проценти во 2025 година.

Во земјите од Источното соседство, членството во Унијата го поддржуваат 71 процент од граѓаните во Грузија, 65 проценти во Украина и 58 проценти во Молдавија. Во Турција, поддршката изнесува 46 проценти.

Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, оцени дека резултатите покажуваат оти граѓаните јасно ги препознаваат придобивките од поблиските врски со Европската Унија.

Според неа, тие се огледаат во посилен мир и безбедност, поголеми економски можности и подобри перспективи за идните генерации.

Анкетата била спроведена од февруари до април 2026 година преку директни интервјуа. Во секоја земја биле опфатени околу 1.000 испитаници, додека во Турција примерокот изнесувал 2.400 лица.

Резултатите треба да ѝ помогнат на Европската комисија подобро да ја планира комуникацијата со граѓаните и да ги следи нивните ставови за процесот на проширување.

За Македонија, податокот дека мнозинството граѓани и понатаму ја поддржуваат европската интеграција доаѓа по години исполнети со политички застои, билатерални спорови и дополнителни услови што го забавија напредокот на пристапните преговори.

Истражувањето покажува дека европската идеја и натаму има силна поддршка во земјата, но и дека довербата во процесот зависи од конкретни резултати и економски напредок, функционални институции и јасна перспектива за членство.

НОВА АНКЕТА НА ЕВРОБАРОМЕТАР Пад на довербата во ЕУ во Македонија

CATEGORIES
Share This