МИЦКОСКИ ОД СТРУМИЦА СО ПОРАКА Македонија повеќе нема да чека, во однос на Бугарија бараме гаранции од ЕУ

На 36-годишнината на ВМРО-ДПМНЕ, партискиот лидер порача дека земјата мора да се движи напред со самодоверба и јасна визија.

МИЦКОСКИ ОД СТРУМИЦА СО ПОРАКА Македонија повеќе нема да чека, во однос на Бугарија бараме гаранции од ЕУ
Фото: Принтскрин

Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, на одбележувањето на 36-годишнината од формирањето на партијата во Струмица порача дека Македонија мора да продолжи да се движи напред со забрзано темпо, самодоверба и јасна визија за иднината.

На настанот што се одржа под мотото „Македонија забрзува, наша обврска“, Мицкоски истакна дека граѓаните заслужуваат држава која создава можности, наместо изговори, и во која институциите функционираат во служба на народот.

„Мојата визија е Македонија да стане држава на можности, а не на изговори. Држава во која институциите работат за граѓаните, правдата важи за сите, а успехот се темели на знаење, труд и резултати. Сакам земја која не чека подобри времиња, туку сама ги создава“, рече Мицкоски.

Тој нагласи дека напредокот на државата не треба да биде мотивиран од надворешни очекувања, туку од потребите и заслужените очекувања на македонските граѓани.

Според него, љубовта кон татковината, вербата во сопствените сили и единството на народот се двигатели на промените и развојот.

„Македонија не се предава и не застанува. Македонија забрзува. Ова е почеток на ново поглавје во кое ќе се испишуваат нови успеси и дела што ќе ги паметат идните генерации“, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Премиерот истакна дека Македонија влегува во нова фаза, со цел забрзување на развојот, напредок кон Европската Унија и создавање држава во која, како што рече, можностите ќе бидат пред изговорите. Тој додава дека земјата мора да продолжи кон европската интеграција, но со јасни гаранции дека нема нови условувања поврзани со идентитетските прашања.

„Местото на овој народ е на масата во Брисел, како полноправна членка на Европската Унија“, порача Мицкоски.

Тој додава дека очекува европските институции да потврдат дека нема да има нови билатерални пречки на патот кон членството.

Според него, македонскиот јазик, култура, традиција и идентитет не смеат да бидат предмет на преговори.

CATEGORIES
TAGS
Share This