ПО 19 ГОДИНИ ХАОС ВО ТЕТОВО Уставниот суд ја поништи одлуката за имињата на улиците
Одлуката за преименување на улиците и плоштадите од 2007 година е укината бидејќи никогаш не добила владина согласност, а во градот речиси две децении постоеја двојни називи на дел од улиците.

Уставниот суд на вчерашната седница ја укина Одлуката на Советот на Општина Тетово од 24 април 2007 година, со која беа преименувани улици, плоштади, мостови и други јавни објекти во градот.
Судот утврди дека одлуката не добила согласност од Владата, што претставува законска обврска, поради што оцени дека таа не е во согласност со Уставот и законите. Иницијативата за оценување на уставноста и законитоста беше поднесена на 11 февруари 2025 година од Даријан Сотировски и Сојузот на борците од НОБ – Тетово.
Со спорната одлука од 2007 година беа променети имињата на повеќе улици и на централниот градски плоштад. Така, булеварот и плоштадот „Маршал Тито“ беа преименувани во „Илирија“, улицата „ЈНА“ во „Дервиш Цара“, а улицата „29 Ноември“ во „Мехмет Паша Дерала“, како и уште неколку други сообраќајници кои добија нови називи.
Бидејќи одлуката никогаш не беше одобрена од централната власт, во изминатите 19 години во Тетово постоеше паралелна употреба на две различни имиња за дел од улиците. Во општинската документација се користеа новите називи, додека во официјалните државни документи, како лични карти и пасоши, останаа во употреба старите имиња.


