ПАД НА ЗАРАБОТКАТА НА БАНКИТЕ, ГРАЃАНИТЕ ЗЕМААТ СЕ ПОВЕЌЕ КРЕДИТИ Што се случува во Словенија
Дел од штедачите во март ги пренасочија своите заштеди кон државни обврзници, наместо во банки.

Банките во Словенија во првите четири месеци од 2026 година оствариле добивка пред оданочување од 248,8 милиони евра, што претставува пад од 14,6 проценти во споредба со истиот период лани. Добивката по оданочување изнесувала 215,9 милиони евра и е пониска за 16 проценти на годишно ниво.
Според Банката на Словенија, банкарскиот систем и натаму работи стабилно, иако главен извор на неизвесност остануваат случувањата во меѓународното економско окружување. Намалувањето на профитабилноста е резултат на послабата нето добивка и значителното зголемување на исправките на вредност и резервациите, кои речиси се удвоиле во однос на минатата година.
Нето каматните приходи пораснале за 2,8 проценти и достигнале 481,8 милиони евра, додека некаматните приходи се намалиле за ист процент и изнесувале 196,8 милиони евра. Вкупните бруто приходи на банките достигнале 678,6 милиони евра, што е раст од 1,1 процент.
Истовремено, оперативните трошоци се зголемиле за 7,5 проценти и изнесувале 380,6 милиони евра, додека исправките на вредност и резервациите скокнале за 92,1 процент на 49,2 милиони евра.
Кредитната активност продолжила да расте. Кредитите кон небанкарскиот сектор се зголемиле за 10,7 проценти на годишно ниво, што е највисока стапка од ноември 2022 година и значително над просекот на Европската Унија од 3,7 проценти.
Најголем придонес кон растот има кредитирањето на домаќинствата, кое пораснало за 8,8 проценти, при што се бележи зголемен интерес за станбени и потрошувачки кредити. Централната банка оценува дека ваквите трендови се поттикнати од растот на вработеноста и реалните плати.
Кредитите за нефинансиските компании пораснале за седум проценти, а позитивен придонес во растот имале и кредитите кон странски клиенти.
На депозитната страна, банките регистрирале солиден прилив на средства од домаќинствата. Исклучок бил март, кога дел од штедачите ги пренасочиле своите заштеди во државни обврзници наменети за граѓаните. Во меѓувреме, депозитите на нефинансиските компании се намалиле, што е вообичаен сезонски тренд поради отплата на кредити, исплата на дивиденди и други обврски на компаниите.
БАНКИТЕ УРИВААТ РЕКОРДИ 118 милиони евра само од провизии, граѓаните ја плаќаат сметката


