ШТО ЈА ЧУВА ВРЕДНОСТА НА ДЕНАРОТ Одговорот стигна од Народната банка

На трибина посветена на 80 години централнобанкарска традиција, Славески порача дека денарот останува стабилен, а Швајцарија најави нова поддршка за модернизација на финансискиот сектор.

ШТО ЈА ЧУВА ВРЕДНОСТА НА ДЕНАРОТ Одговорот стигна од Народната банка
Фото: Принтскрин

Довербата во институциите и стабилноста на националната валута се клучни предуслови за долгорочен економски развој, беше порачано на трибината што ја организираа Народната банка, Амбасадата на Швајцарија и Швајцарската комора во Северна Македонија во Музејот на Народната банка.

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, истакна дека стабилниот девизен курс на денарот во однос на еврото веќе три децении претставува еден од најважните столбови на макроекономската стабилност во земјата.

„И покрај новите предизвици со кои се соочува светскиот монетарен систем, Народната банка останува посветена на одржувањето на макроекономската и финансиската стабилност преку кредибилни политики и меѓународна соработка. Успешно се справивме со последните глобални шокови, инфлацијата е намалена, девизниот пазар е стабилен, а девизните резерви се на солидно ниво“, нагласи Славески.

Швајцарскиот амбасадор Кристоф Зомер посочи дека стабилноста на валутата не се гради преку краткорочни мерки, туку преку децении одговорно управување, институционален континуитет и јасна долгорочна визија.

„Технологијата може да го промени начинот на кој се движат парите, но довербата во нив секогаш ќе зависи од институциите. Централните банки остануваат клучни столбови на стабилноста, кредибилитетот и довербата во економијата“, рече Зомер.

На трибината беше одбележан и значајниот јубилеј 80 години централнобанкарска традиција во земјата. Учесниците оценија дека силните институции се создаваат постепено, преку професионалност, континуитет и доследна работа во јавен интерес.

Дополнително беше истакнато значењето на новиот Меморандум за соработка меѓу Народната банка и швајцарскиот Државен секретаријат за економски прашања (SECO) за периодот 2025-2028 година. Соработката треба да придонесе за унапредување на аналитичките капацитети на монетарната политика, модернизација на финансискиот сектор и зајакнување на институционалните капацитети на Народната банка.

На настанот презентација одржа економистот Коста Вајена, а на панел-дискусијата учествуваа професорот од Женевскиот институт за постдипломски студии Седрик Тиј, економистот од Швајцарската народна банка Флоријан Вебер и претседателот на Одборот на директори на „Макстил“, Димитар Цветковски.

ОСУМ ДЕЦЕНИИ СТАБИЛНОСТ И РАЗВОЈ – Јубилеј на Народната банка

CATEGORIES
Share This