ТРАМП: ИМАМЕ ДОГОВОР СО ИРАН Се откажуваат од нуклеарно оружје
Светот очекува официјално потпишување на договорот.

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, денеска изјави дека Иран „штотуку се согласил“ никогаш да не поседува нуклеарно оружје.
Во објава на неговата социјална мрежа Truth Social, Трамп наведе дека САД постигнуваат значајни економски и безбедносни резултати, истовремено коментирајќи го, како што рече, новиот договор со Техеран.
„Сега имаме најсилна граница, најдобра берза и најголем успех што нашата земја некогаш го има видено, а патем, ја имаме и Исламската Република Иран, која штотуку се согласи никогаш да нема нуклеарно оружје, а Хормутскиот теснец наскоро ќе биде отворен“, изјави Трамп.
Тој додаде дека очекува цените на горивата да се намалат и дека куповната моќ на граѓаните ќе биде значително поголема во споредба со периодот на претходната администрација на Џозеф Бајден, кој, според него, бил обележан со висока инфлација.
Од друга страна, иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, порача дека регионалната безбедност не може да се гради со исклучување или игнорирање на Иран.
„Одржливата безбедност, економскиот развој и стабилноста во регионот се можни само преку соработка и почитување на заедничките интереси на сите земји, вклучително и Исламската Република Иран“, изјави Аракчи, пренесува Ал Џезира.
Тој нагласи дека новата безбедносна архитектура на Блискиот Исток мора да се базира на „колективна соработка“.
Паралелно, медиумите јавуваат дека американски преговарачи од Катар отпатувале кон Техеран како дел од напорите за финализирање на договор за завршување на конфликтот меѓу САД и Иран.
Според најавите, новиот договор меѓу Вашингтон и Техеран би можел да биде потпишан денеска и би требало да гарантира дека Иран нема да развие нуклеарно оружје, како и да придонесе за отворање на Ормутскиот теснец за меѓународен поморски сообраќај.
ДРАМА САД-ИРАН Трамп најави историски договор, Техеран демантира сè


