МИЦКОСКИ НАЈАВИ МЕГА ПРОЕКТ Брза пруга што ќе ја „пресече“ Македонија од север до југ
Опозицијата обвинува, Владата ги негира тврдењата за мигрантска политика.

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека до јули треба да бидат завршени клучните студии за изградба на брзата пруга на Коридорот 10, по што проектот ќе влезе во собраниска процедура, а првите активности на терен би можеле да започнат веќе наесен.
Одговарајќи на новинарско прашање за проектите предвидени во рамки на Договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство, Мицкоски истакна дека во земјата веќе престојувале претставници на британската страна и на потенцијалниот заемодавател. Во тек е изработка на физибилити студијата и студијата за влијанието врз животната средина.
Тој нагласи дека, доколку документите бидат завршени во предвидениот рок и процедурите се одвиваат според планот, Владата ќе предложи законско решение во Собранието, по што би започнала реализација на проектот по принципот „жолт фидик“.
Мицкоски ги отфрли обвинувањата на СДСМ дека договорот со Обединетото Кралство предвидува прифаќање мигранти во државата.
„И нема мигранти, и нема неуспешни баратели на азил како што се тврди од СДСМ. Тоа се невистини. Нема и нема да има. Требаше во април да имаме бран такви лица – сега е средина на јуни и ништо од тоа не се случи и нема да се случи. Ќе има брза пруга која ќе го поврзе северната и јужната граница“, изјави Мицкоски.
Премиерот се осврна и на критиките на опозициската СДСМ за економските показатели, обвинувајќи ја партијата дека манипулира со податоците за бруто домашниот производ. Тој се повика на податоци од Меѓународниот монетарен фонд, според кои номиналната вредност на БДП во последните две години е за 560 милиони долари повисока во однос на растот остварен во седумгодишниот период на претходната влада.
Според Мицкоски, оваа економска вредност е постигната со значително пониско задолжување во споредба со претходната власт, додавајќи дека ваквите оценки се потврдени и во последниот извештај на ММФ за македонската економија.


