ЈУБИЛЕЈ СО СИЛНИ ПОРАКИ И ГОЛЕМИ ПОБЕДНИЦИ Заврши 60. „Војдан Чернодрински“
„Црнила“ освои најмногу признанија, Дејан Пројковски е најдобар режисер, а „Страв и надеж“ ја понесе наградата за најдобра претстава во целина.

Јубилејното 60. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп заврши со свечено доделување на наградите за најдобрите театарски остварувања.
Најголем број признанија освои претставата „Црнила“ на НУЦК „Војдан Чернодрински“ од Прилеп, во режија на Дејан Пројковски, кој ја доби и наградата за најдобра режија.
За претставата „Црнила“ наградите за костимографија и сценографија им припаднаа на Марија Пупучевска и Валентин Светозарев. Наградата за млада актерка ја доби Сара Спиркоска Костадиновска за улогата на Неда, додека признанието за главна машка улога му беше доделено на Димитар Ѓорѓиевски за улогата на Фезлиев.
Наградата за најдобра претстава во целина ја освои претставата „Страв и надеж“ на Македонски народен театар.
Уметничката директорка на фестивалот, Ана Стојаноска, истакна дека годинашната селекција претставува нејзин личен поглед на актуелната состојба во македонскиот театар.
„Сметам дека е многу важно да ја видиме сликата на македонскиот театар низ визурата на селекцијата што ја направив. Тоа е мојата слика за она што во моментов е најдобро на сцените, но таа претставува само еден дел од пошироката театарска приказна. Некој друг уметнички директор би понудил поинаква програма и поинаков поглед на македонскиот театар, рече Стојаноска.
Добитничката на наградата за млада актерка, Сара Спиркоска Костадиновска, која годинава настапи во три претстави, нагласи дека признанијата се дополнителен мотив за актерите.
„Особено сум среќна што ова признание доаѓа во година кога настапив во три различни продукции. Знаеме колку е тешко еден невработен актер да биде активно присутен на сцената, па затоа ваквите награди имаат посебна вредност, истакна таа.
Добитникот на наградата за главна машка улога, Димитар Ѓорѓиевски, ја нагласи важноста на публиката за актерската професија.
„Публиката е нашиот најголем мотиватор, но и најискрен критичар. Прилепската публика е навистина магична и врската што ја имаме со неа е бесценета, порача Ѓорѓиевски.
Меѓу останатите добитници, наградата за музика ја доби Ирена Поповиќ Драговиќ за претставата „Страв и надеж“. Наградата за млад актер му припадна на Јеткин Сезеир за улогата на Амадеус во претставата „Амадеус“ на Турски театар Скопје.
За женска епизодна улога беше наградена Биљана Драгиќевиќ Пројковска за улогата на Марија во претставата „Мачкина глава“, додека наградата за машка епизодна улога ја доби Александар Степанулески за улогата на Симон во истата претстава.
Признанието за главна женска улога ѝ беше доделено на Слаѓана Вујошевиќ за улогата на Констанца во претставата „Амадеус“.
Жирито, во состав Снежана Коневски Руси како претседател и членовите Дарко Лукиќ и Аида Буквиќ, одлучи годинава да не додели четири награди: за рекламен материјал, за кореографија и сценски движења, за современа сценска драматизација и адаптација и за современ драмски текст.
ДВЕ НАГРАДИ ЗА ЕДНА ПРЕТСТАВА – МНТ направи театарски подвиг што се памети


